Македонија

Забранет увоз на свинско месо од Србија поради појава на африканска чума

Во земјава засега нема африканска чума кај свињите, но состојбата будно се следи, а превентивните мерки се подигнати на максимално ниво

понеделник, 12 август 2019

Се забранува увоз на свинско месо и преработки, како и увоз и транзит на живи домашни и диви свињи, семе, јајца и ембриони од свињи од Србија во Македонија, одлучи Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) по информациите дека се појавила африканска свинска чума во реоните на Белград и Смедерево.

Од петокот во сила е Решението за задолжително лабораториско испитување на секоја увозна пратка свинско месо, производи и преработки. Пратките нема да се пуштаат во промет се додека не се добие наодот од лабораториското испитување што ќе се врши на Факултетот за ветерина.

Од АХВ тврдат дека во земјава засега нема африканска чума кај свињите, но оти состојбата будно се следи, а превентивните мерки се подигнати на максимално ниво.

Надлежните апелираат граѓаните кои се надвор од земјава при враќањето особено од земји во кои е детектирана африканска чума, да не внесуваат храна од животинско потекло, преработки од месо и сувомесни производи што содржат месо од свињи, бидејќи ќе им бидат одземени.

Африканската свинска чума првпат се појави во 2007 година во Казахстан, но брзо се прошири и во други земји. Денес ја има во Романија, Унгарија, Естонија, Латвија, Летонија, Белорусија, Украина, Полска, Бугарија и Србија. Болеста не е опасна за луѓето, но брзо се шири и е опасна и заразна кај свињите, а не постои вакцина или можност за лекување. Надлежните опоменуваат дека економските загуби можат да бидат енормни доколку не се интервенира навреме.
 

Содржината е прочитана 51 пати.