Култура

„Бенсман саксофон квартет“ - вистинско освежување за публиката на „Охридско лето“

вторник, 13 август 2019

Концерт што долго ќе се памети приреди „Бенсман саксофон квартетот“ кој настапи синоќа на „Охридско лето“ со маестрално музицирање и со внимателно одбран репертоар.

Вечерта на саксофони во црквата „Света Софија“, која и покрај исклучително топлото време беше исполнета до последно место, започна со „Уметност на фугата“ од Јохан Себастијан Бах, а продолжи со дело од Рејмонд Мулер, Детлеф Бенсман и Николас Шаубле. На програмата беа и македонските композитори, Вања Николовски -Ѓумар и Панде Шахов, но како што велат светски познатите саксофонисти, македонските композиции не се специјално застапени само на нивниот концерт во Охрид, туку ги има на редовниот репертоар на квартетот.

Публиката по завршувањето на концертната програма со бурни овации ги врати уметниците повторно на подиумот, по што тие го отсвирија Хорхе Лопез Марин со композицијата „Ел медико де пијанос“, милозвучни ноти, напишани токму за саксофон квартет.

Основач на овој музички состав кој беше вистинско летно освежување на фестивалот „Охридско лето“ е Детлеф Бенсман, докажан педагог чии ученици биле членовите на квартетот.

„Публиката уживаше и беше мошне сконцентрирана на нашата изведба и токму затоа се чувствував прекрасно. И публиката, и црквата, и акустиката внатре беа волшебни. Уметниците со кои настапив беа мои ученици, а сега ми е се колеги. Работиме заедно и се чувствуваме многу блиски преку музиката“, рече маестро Бенсман по завршувањето на концертот.

Познатиот македонски саскофонист Нинослав Димов кој е дел од овој квартет досега има настапено неколкупати на фестивалот „Охридско лето“, како солист и во камерни состави, но првпат заедно со „Бенсман саксофон квартетот“. Тој и неговиот професор се основачи на овој ансамбл.

„Предизвикувачки е да се музицира заедно со професорот од кого сте учеле. Сепак, задоволството е големо, бидејќи крајниот продукт е она што стремиме да биде совршено. Самото тоа што тој ме одрбрал мене да бидам дел од екипата, е доволен показател дека мојата работа оди во правилна насока“, вели младиот саксофонист со богата музичка кариера Нинослав Димов.

„Бенсман саксофон квартетот“ е формиран во 2007 година, и од тогаш до денес има остварено низа успешни концерти и настапи на врвни музички фестивали во Европа, а во биографијата на ансамблот се вбројуваат и големи концертни турнеи во САД и во Кина.
 

Содржината е прочитана 38 пати.