Култура

Младиот пијанист Александар Гаџиев воодушеви на „Охридско лето“

петок, 16 август 2019

Младиот пијанист Александар Гаџиев синоќа ја воодушеви публиката на фестивалот „Охридско лето“ со своето маестрално музицирање во црквата „Света Софија“, покажувајќи врвен пијанистички артизам .

Уметникот, чии родители се професори по пијано, со брилјантната техника на музицирање, нагласениот музички сенс, како и со својата креативна фантазија го освои концертниот аудиториум уште на почетокот од вчерашната програма.

„’Охридско лето’ е фестивал со долга традиција каде настапуваат големи имиња од светот на музиката. Затоа сум почестен што настапувам овде. Инаку, доаѓам првпат во Македонија. Мојот концерт, во кој се надевам уживаше публиката го започнав со сонатата ’Валдштајн’ од Лудвиг Ван Бетовен, а потоа следуваше сонатата ’Данте’ од Франц Лист“, вели младиот виртуоз на пијано Гаџиев.

Во прекрасниот амбиент во црквата „Света Софија“, во вториот дел од концертот тој долови композиции од руски композитори. Публиката уживаше во фасцинантната изведба на „Варијациите“ од Петар Илич Чајковски, како и во Сонатата број 6 оп.82 во А-дур од Сергеј Прокофјев.
„Ме чека реализација на многу проекти, особено во Велика Британија, каде што сум избран во новата генерација млади уметници од страна на Би Би Си. Живеам во Германија, па така, ќе одржам концерти и таму. Планирано е да музицирам и во Париз, Лондон, Братислава, Љубљана“, најавува младиот уметник.

Александар Гаџиев е роден во Гориција, Италија, природен крстопат на бројни култури и јазици и уште од детството е задоен со квалитетите на централно-европската култура и поднебје. Пијано започнува да учи под менторство на неговиот татко, познат руски професор, а првиот настап со оркестар го има на деветгодишна возраст, додека солистички рецитал остварува на 10 години. Во 2013 година настапува на 30–иот јубилеен натпревар „Премио Венеција“, на кој се натпреваруваат најдобрите млади пијанисти од Италија и го освојува првото место. Оваа победа му овозможува бројни рецитали низ Италија, но и во Лондон, Париз, Мадрид, Даблин.
 
Содржината е прочитана 353 пати.