Бизнис вести

„Алкалоид“ со инвестиција од 11 милиони евра го проширува производството

Новите производни одделенија ќе се простираат на површина од 7.000 квадратни метри и ќе ќе овозможат отворање на околу 200 нови работни места

вторник, 20 август 2019

Фармацевтската компанија „Алкалоид“ АД Скопје инвестира 11 милиони евра за проширување на производството. Новите производни одделенија ќе се простираат на површина од 7.000 квадратни метри и ќе ќе овозможат отворање на околу 200 нови работни места.

Од планираните 11 милиони евра, 3,5 милиони ќе бидат наменети за целосно технолошко подготвување на одделението „Пакување на цврсти форми“, со површина од 2.000 квадрани. За ова одделение е нарачана опрема во вредност од 5,2 милиони евра, вклучувајќи две автоматски линии за пакување. Сума од 2,3 милиони евра ќе биде инвестирана за изградба на нови два ката наменети за производство на цврсти фармацевтски форми и придружен простор за техничко-технолошка опрема со вкупна површина од 5.000 квадратни метри.

Новата инвестиција ќе овозможи зголемување на капацитетите за производство за најмалку 50 проценти, што значи дека сегашниот капацитет од речиси 2 милијарди таблети и капсули годишно, ќе се зголеми на повеќе од 3 милијарди парчиња цврсти фармацевтски форми.

„Планираната инвестиција е во склад со политиката на компанијата за вложување во капитални проекти, а со оглед на тројното зголемување на консолидираните приходи од продажби во изминативе 15 години, ваквиот потфат беше неопходен за овозможување на уште поинтензивни пласмани и континуиран раст“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на компанијата.

Инвестицијата треба да биде комплетирана во првата половина од 2020 година.

Во изминатите две децении „Алкалоид“ има инвестирано околу 200 милиони евра во сегментот фармација.

 

Содржината е прочитана 77 пати.