Култура

Со „Одисеј“ на Горан Стефановски се спушта завесата на „Охридско лето“

Во изминатите 40 фестивалски дена на сцените на Античкиот театар, црквата „Света Софија“, предворјето на црквата „Света Софија“, Долни Сарај, Центарот за култура беа понудени 47 содржини и пречекани околу 500 уметници од 23 земји од светот, но и гости од земјава и странство кои допатуваа за да ја следат богатата фестивалска програма

вторник, 20 август 2019

Со изведба на драмата „Одисеј“ на Горан Стефановски на Античкиот театар вечерва се спушта завесата на годинашното 59-то издание на „Охридско лето“.

Во изминатите 40 фестивалски дена на сцените на Античкиот театар, црквата „Света Софија“, предворјето на црквата „Света Софија“, Долни Сарај, Центарот за култура беа понудени 47 содржини во кои публиката уживаше максимално.

„Изминаа 40 дена исполнети со врвни уметници, задоволна публика и полни гледалишта. ’Охридско лето’ запиша уште едно успешно издание во богатата фестивалска историја. Пречекавме околу 500 уметници од 23 земји од светот, но и гости од земјава и странство кои допатуваа за да ја следат фестивалската програма.’Охридско лето’ следната година слави голем јубилеј, 60 години постоење. Тоа за нас е голема чест, но и обврска да го одбележиме достојно, онака како што заслужува оваа наша најголема музичко сценска манифестација. Подготовките веќе се започнати и можам само да најавам врвни уметници и беспрекорна организација“, рече на завршната прес-конференција директорката на фестивалот Наташа Поповиќ.

Годинашното „Охридско лето“ се затвора со претставата „Одисеј“ на Горан Стефановски. Селекторот на драмската програма на Фестивалот, Александар Поповски, кој е и режисер на претставата рече дека „Одисеј“ претставува е мозаик составен од уметници кои патуваат, играат, настапуваат насекаде низ просторите на поранешна Југославија и низ светот.

„Желба ми беше заради Горан оваа претстава да ја играме во Охрид и тука на своевиден начин тој да ја најде својата Итака. Не се надевав дека ќе успеам во тоа, но одговорот на сите уметници на кои им се обратив беше фасцинантен, сите откажаа и снимања и патувања за да се соберат тука и да ја одиграме оваа претстава. Тоа за мене се работи што кажуваат дека вреди што се занимавам со оваа професија“, рече Поповски.

„Одисеј“ е копродукциски проект реализиран преку соработка на извонредни, докажани актери од театрите „Гавела“ од Загреб, „Улисис“ од Бриони, Српскиот народен театар од Нови Сад, „Драма“ од Марибор, „Ателје 212“ од Белград, Стериин театар и Театар „Навигатор“ од Скопје. Во претставата играат Никола Ристановски, српскиот актер Светозар Цветковиќ, Озрен Грабариќ од Загреб и други. „Одисеј“ ќе се игра на прекрасната сцена на Античкиот театар од 21 часот.

 

Содржината е прочитана 344 пати.