Инфо

Во Холандија е отворен најголемиот паркинг за велосипеди во светот

Паркингот се наоѓа на главната железничка станица во Утрехт, каде на површина од 21.000 квадратни метри има 12.500 места за паркирање на три нивоа

среда, 21 август 2019

Во холандскиот град Утрехт е отворен најголемиот паркинг за велосипеди во светот. Се наоѓа во рамки на главната железничка станица и на површина од 21.000 квадратни метри нуди 12.500 места за паркирање на три нивоа, Паркингот има компјутерски наведуван систем за паркирање, работи нон-стоп и паркираните велосипеди се под постојан надзор. Паркирањето е бесплтно во првите 24 часа, а потоа се плаќаат 1,25 евра на ден.

Одбраната локација на паркингот, веднаш до железничката станица на четвртиот по големина град во Холандија, им овозможува на патниците и на посетителите лесно да комбинираат возење велосипед и воз, се вели во соопштението на државниот секретар во Министерството за инфраструктура на Холандија, Стиентје ван Велховен

По пуштањето во употреба на овој паркинг простор, сега во Утрехт има околу 22.500 места за паркирање велосипеди и сите се во близина на железничката станица.

Од локалната самоуправа на градот велат дека трошоците за изградба достигнале близу 30 милиони евра, но и оти како коинвеститори на проектот се јавиле државата и холандската железница. Финансиска поддршка обезбедила и компанијата за одржување на железничката инфраструктура, „Pro Rail“.

Oд 2011 година се изградени скоро 100.000 дополнителни места за паркирање.
 

„Се стремиме кон тоа да бидеме велосипедски рај, но треба да направиме уште многу работи. Велосипедот е нашето тајно оружје против сообраќајниот метеж, аерозагадувањето и климатските промени и исто така е добар за нашето здравје, но и за паричникот. Ако сакаме да ги извадиме луѓето од автомобилите, мора да имаме лесен и удобен јавен превоз и притоа да не се губи половина час на барање место за паркирање велосипед“, изјави министерката за инфраструктура Стинтје фан Фелдхофен.

Утрехт е град во кој во 1885 година била изградена првата велосипедска патека во Холандија и секој ден 125.000 луѓе доаѓаат во центарот со велосипед.

Според холандското биро за статистика, во Холандија има околу 22 милиони функционални велосипеди. Тоа значи дека во оваа земја има повеќе велосипеди од жители, така што на секој граѓанин доаѓа по 1,2 велосипеди. Официјалните статистики говорат дека Холанѓаните во 60 отсто случаи одат на работа со автомобил, иако возењето велосипед во најголемите градови Амстердам, Ротердам, Хаг и Утрехт е доста вообичаено.

 

Содржината е прочитана 140 пати.