Инфо

Отворен ден на УКИМ на плоштад „Македонија“

Централниот настан ќе се одржи на од 18 до 22 часот на кој ќе бидат сместени штандовите на факултетите, а посетителите ќе имаат можност непосредно во разговор со наставниот кадар и студентите да се запознаат со дејноста на најстарата високообразовна институцијa

четврток, 22 август 2019

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска организира отворен ден, а централниот настан ќе се одржи на плоштадот „Македонија“ од 18 до 22 часот.

Таму ќе бидат сместени штандовите на факултетите, а посетителите ќе имаат можност непосредно во разговор со наставниот кадар и студентите да се запознаат со дејноста на најстарата високообразовна институција во нашата земја, нејзината долга традиција, мисија и визија. Во изложбените простори се предвидени разновидни презентации на активностите и проектите на наставниците и студентите, изложба на богатата научна дејност на Универзитетот: монографии, учебници, преводи и научни списанија.

Покрај другите активности, предвидени се многубројни наградни игри за посетителите, голема забава со концерт на студентите по соло-пеење - популарни жанрови од класата на доц. м-р Андријана Јаневска на градскиот плоштад со почеток од 18 часот.

Денот е наменет за средношколците од средните училишта во Македонија, но е убава можност за сите оние што сакаат да дознаат нешто повеќе за програмите на постдипломските и докторските студии на Универзитетот.

- Се надеваме дека на сите посетители ќе можеме да им ја пренесеме нашата цврста верба во образованието како единствена основа за напредок и влез на секој млад човек во подобра иднина - велат организаторите.
 

Содржината е прочитана 124 пати.