Бизнис вести

Пуштен во употреба нов царински терминал на граничниот премин „Ќафасан“

Новиот царински терминал се простира на 9.500 квадратни метри и има максимален капацитет од 30 товарни возила, зграда за царински постапки, објекти за преглед на товарни возила со капацитет за преглед на три товарни возила истовремено, влезно-излезен контролен пункт, пристапни патишта

понеделник, 16 септември 2019

На граничниот премин „Ќафасан“ на границата со Република Албанија, денеска е пуштен во употреба нов царински терминал кој ќе придонесе кон зголемување на пропусната моќ на преминот за стокови пратки и намалување на времето за гранични формалности.

Официјално царинскиот терминал, на кој поминуваат 1,5 милион патници и 100 илјади камиони, го пуштија во употреба премиерот Зоран Заев, евроамбасадорот Самуил Жбогар, директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски, градоначалници, делегација од царината на Албанија, претставници на деловната заедница и бројни гости.

Проектот е вреден 1,7 милиони евра и е реализиран со финансиска поддршка на ЕУ, од 60-те милиони евра предвидени како европска поддршка за македонската царинска управа. Новиот царински терминал се простира на 9.500 квадратни метри и има максимален капацитет од 30 товарни возила, зграда за царински постапки, објекти за преглед на товарни возила со капацитет за преглед на три товарни возила истовремено, влезно-излезен контролен пункт, пристапни патишта. Од Царинската урава истакнуваат дека со ова, како и со реконструкцијата на постојните објекти нашата држава обезбедува подобри услуги за економските оператори и побрз проток на стоката на најголемиот граничен премин кон соседна Албанија.

Премиерот во обраќањето пред присутните гости на свеченоста истакна дека вложувањето во развој на инфраструктурата е еден од приоритетите на Владата, насочени кон поставување повисоки стандарди во сите јавни сфери во државата.

„’ Кафасан’ е еден од најфреквентните премини во земјата, а новиот терминал ќе придонесе за зголемување на пропусната моќ на преминот за стокови пратки, за намалување на времето потребно за вршење на граничните формалности и значително ќе ја подобри инфраструктурата за примена на современи средства за инспекција.
Убедени сме дека со неговото ставање во функција ќе се забрза движењето на стоковиот сообраќај кој последните години бележи постојан раст од 10 до 15 проценти годишно“, рече премиерот Заев, потенцирајќи дека се работи и на имплементација на решението за заедничко управување на граничните и на царинските контроли со едно застанување, за уште повеќе да се намали времето на чекање за превозниците со што ќе се намалат трошоците на економските оператори.

Евроамбасадорот Жбогар истакна дека проектите како овој кој е финансиран со средства на даночните обврзници на државите-членки на Унијата се насочени кон унапредување на подобро поврзување на луѓето и транспорт на стоки, како клучни определби во рамки на евроинтегративните процеси.

Директорот на Царинската управа Танасоски заблагодарувајќи се на помошта на ЕУ за новите капацитети, истакна дека подобрувањето на царинската структура во земјата секако ќе придонесе кон олеснување и забрзување на трговијата во земјата.
 

Содржината е прочитана 50 пати.