Инфо

Студенти од Машински факултет освоија златен медал во Сеул за иновација – велосипед со филтер за чист воздух

Станува збор за велосипед на батерии кој има вградено проактивни филтри кои ги заробуваат штетните честички со самото ротирање на тркалата

вторник, 17 септември 2019

Студентите од Машинскиот факултет од Скопје Ина Крстевска, Филип Попоски, Марко Насески, Мартин Спасовски, Игор Џамбаски и Александар Јанковиќ, заедно со професорот Иле Мирчески и машинскиот инженер Тошко Ристов освоија златен медал за иновација на 12. меѓународна изложба „KIWIE 2019“ што се одржа во Сеул, Јужна Кореја за нивната иновација „Филтер за воздух вграден во велосипедско тркало“.

Како што објавија од Машинскиот факултет, студентите за овој пронајдок освоиле златен медал од Меѓународната комисија составена од експерти во дадената област, златен медал со диплома од Асоцијацијата за промоција на пронајдоци и иновации од Индонезија и диплома за најдобар пронајдок од страна на Центар за Жени иноватори на Узбекистан. 

Станува збор за велосипед на батерии кој има вградено проактивни филтри кои ги заробуваат штетните честички со самото ротирање на тркалата. Ова треба да биде еден чекор плус во креирањето нов еколошки систем на градскиот транспорт.

„Целиот систем за прочистување на воздухот ќе биде составен од филтер материјал кој што ќе биде вграден во држачите, тоа се портокаловите делови. Со самата ротација на тркалото ќе се прима воздухот и ќе се задржуваат некои честички, ќе се отпушта воздухот така што на тој начин ќе се прочистува воздухот“, велат студентите.

Изложбата во Сеул се одржа од 20 до 23 јуни оваа година во организација на Корејската асоцијација за жени пронајдувачи KWIA и со поддршка од Корејскиот завод за интелектуална сопственост KIPO и Светската организација за интелектуална сопственост WIPO.

 

Содржината е прочитана 127 пати.