Инфо

Енвер Малиќи стана почесен конзул на Мексико

Почесниот конзулат кој се наоѓа во комплексот „Парк резиденс“ во Скопје и ќе биде отворен секој работен ден од 8 до 16 часот, ќе работи на унапредување на соработката меѓу двете земји и ќе иницира заеднички активности во повеќе области

вторник, 17 септември 2019

Со свечено интонирање на државните химни и врачување на мексиканското национално знаме синоќа во Скопје беше отворен Почесен конзулат на Соединетите Мексикански Држави во земјава. За почесен конзул на Мексико е именуван Енвер Малиќи.

Почесниот конзулат, како што стои во соопштението, ќе работи на унапредување на соработката меѓу двете земји и ќе иницира заеднички активности во повеќе области. Се наоѓа во комплексот „Парк резиденс“ во Скопје и ќе биде отворен секој работен ден од 8 до 16 часот.

Амбасадорот на Мексико, Марко Антонио Гарсија Бланко рече дека отворањето на Почесниот конзулат е чекор напред во билатералните односи меѓу Мексико и Северна Македонија, кои на 4 октомври ќе одбележат 18 години од воспоставувањето дипломатски односи.

„Односите меѓу двете држави и досега беа пријателски, но отсега соработката и заедничките активности ќе се продлабочат во интерес на двата народа. Со поддршка на Енвер Малиќи, како почесен конзул, убеден сум дека ќе се развијат нови области на соработка и разбирање за да се прошират и зајакнат билатералните односи со плодни резултати за обете страни“, рече амбасадорот Гарсија Бланко.

Почесниот конзул Малиќи потенцираше дека иако географски далечни, двете земји споделуваат многу заеднички нешта.

„Почитта кон традицијата, силниот темперамент и борбата за човекови права и достоинство нè обединуваат. Мексиканското и македонското искуство се одлична основа за соработка и поголема размена на идеи кои ќе ги зајакнат односите меѓу двата народа. Интензивирањето на соработката во различни сфери ќе биде еден од моите приоритети како почесен конзул, овде во Северна Македонија, но и во Соединетите Мексикански Држави. Современите трендови во различни области на општественото живеење и бизнисот во двете држави можат заеднички да придонесат за подобри позиции во меѓународните односи и да промовираат развој и напредок“, рече Малиќи.

На отворањето на Почесниот конзулат на Мексико присуствуваа и премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието Талат Џафери, министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и претставници на дипломатскиот кор, на деловната заедница и на повеќе институции.

 

Содржината е прочитана 48 пати.