Бизнис вести

Иницијaтива на ФИТР и на Македонската банкарска асоцијација за дополнителна финансика поддршка на домашните компании

Се разгледува и како кредитирањата од банките да станат подостапни за сите компаниите чии предлог-проекти, поради ограничените финансиски ресурси на Фондот не се одобрени за финансирање, а имаат потенцијал

вторник, 17 септември 2019

Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР) ги презентираше инструментите за финансиска поддршка на домашните компании пред членките на Македонската банкарска асоцијација (МБА) во која членуват сите деловни банки и штедилници. Целта на ФИТР е поттикнување на банкарскиот сектор за поактивно вклучување во кофинансирање на програмите за иновации и технолошки развој.

Пред директорите и членови на управни одбори на сите банки во земјава беа презентирани и резултатите од досегашното работење на Фондот преку анализата на спроведувањето на проектите и ефектите за домашната економија. На средбата беше дискутирано и како можностите за кредитирање од страна на банките да станат подостапни не само за корисниците на ФИТР, туку и за компаниите чии предлог-проекти, поради ограничените финансиски ресурси на Фондот не се одобрени за финансирање, а имаат потенцијал.

„Сакаме да ги видиме банките како наши партнери во поддршка на растот на македонската економија“, изјави директорот на ФИТР, Јован Деспотовски по средбата.

Претставниците на банките позитивно ја оценија работата на ФИТР и изразија подготвеност дека ќе ги разгледаат сите можности за финансирање, како и можноста да се воспостави пракса за размена на информации помеѓу ФИТР и МБА за успешна реализација на овие иницијативи.

Портфолиото на ФИТР во последниве две години бележи седумкратно зголемување во однос на бројот на корисници од периодот 2014 – 2017 и сега брои 250 микро, мали, средни и големи домашни компании. Овие компании реализираат инвестиции во износ од околу 40 милиони евра, од кои 23 милиони се обезбедени како кофинансирање од Владата и Светската банка.

 

Содржината е прочитана 58 пати.