Македонија

Почна собраниската расправа за ребаланс на Буџетот

Прекроениот буџет за оваа година, како што објаснува Владата го стимулира растот на платите, ќе обезбеди можности за отворање нови и подобро платени работни места и позитивно ќе влијае на економскиот раст

четврток, 19 септември 2019

Денеска во Собранието влегува во процедура ребалансот на Буџетот за 2019 година кој, како што се наведува, обезбедува големи придобивки за граѓаните. За прекорениот Буџет најпрвин ќе се дискутира во матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет каде распавата ќе трае 10 дена, а потоа Предлогот ќе оди на пленарна седница. Поденсени се 391 амандмани.

Со ребалансот на Буџетот вкупните приходи изнесуваат 210,5 милијарди денари, а вкупните расходи 228, 3 милијарди денари. Дефицитот останува непроменет во однос на планираниот со основниот Буџет, што значи е проектиран на 17,7 милијарди денари, или 2,5 проценти од БДП.

Со ребалансот се издвоени 400 милиони денари за субвенционирање на растот на платите во приватниот сектор, 200 милиони денари за активни мерки за вработување, дополнителни средства за поддршка на земјоделството, 193 милиони денари за набавка на лекови за ретки болести и инсулин, 193 милиони денари за заштита на колекторскиот систем на Охридското Езеро, за исплата на поврат на ДДВ…

Поради слабата реализација на одредени капитални инвестиции намалени се одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација. Вкупното намалување на капиталните инвестиции изнесува 50 милиони евра.

Според образложението на министерката за финансии Нина Ангеловска со ребалансот продолжува да се дистрибуираат повеќе пари кај граѓаните, односно вклучено е зголемувањето на платите во јавната администрација, здравството, образованието, градинките, културата, полицијата, одбраната и другите дејности во јавната администрација.

Ребалансот ќе овозможи и трансфер за Фондот на пензиско и инвалидско осигурување, односно 815 милиони денари кон пензиските друштва од вториот пензиски столб.

Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ денеска на прес конференција ги повика сите пратеници од сите пратенички групи да дадат поддршка за ребалансот на Буџетот, бидејќи, како што рече, со него ќе се стимулира растот на платите, ќе обезбеди можности за отворање нови и подобро платени работни места и позитивно ќе влијае на економскиот раст.

„Досегашните економски политики даваат реален и видлив резултат. Преку бројни економски мерки просечната плата порасна за 3,5 отсто. Бележиме раст на БДП од над 3 отсто во првите два квартали од годинава, а стапката на невработеност е на историски најниски 17,5 отсто“, изјави на прес-конференцијата Митрески.
 

Содржината е прочитана 43 пати.