Инфо

Улицата кај „Рекорд“ денеска ќе биде претворена во пешачка зона

Денеска по 18 часот улицата „Димитрие Чуповски“ ќе биде затворена за сообраќај со цел да се симулира како би функционирал во пракса планот за ослободување од сообраќај на Мал ринг

четврток, 19 септември 2019

Град Скопје денеска после 18 часот ќе ја затвори за сообраќај улицата „Димитрија Чуповски“, кај „Рекорд“ и на кратко ќе ја претвори во пешачка зона, со цел да се симулира како би функционирал во пракса планот за ослободување од сообраќај на Мал ринг и претворање во пешачка зона. Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов најави дека на овој потег денеска се предвидени повеќе активности за граѓаните.

„Драги пријатели, денеска после 18 часот улицата ’Димитрија Чуповски’ кај ’Рекорд’ ќе биде затворена за автомобили и автобуси, а отворена за пешаци и велосипедисти. Дојдете заедно да го почувствуваме отворениот простор за да видиме како ќе изгледа Малиот ринг во иднина ослободен од моторизиран сообраќај. Донесете ги и своите деца, ќе има многу забавни содржини за нив и за возрасните“, напиша Шилегов на својот фејсбук профил.

Идејата улицата „Димитрија Чуповски“ да биде пешачка зона е стара повеќе години. Според проектот на кој се работи, потегот од крстосницата кај Собранието до трговскиот центар „Палома Бјанка“ ќе стане пешачка зона, Мал ринг целосно ќе се затвори за возила и ќе добие комплетно нов изглед, со уреден плочник и тротоари, а паркот „Жена борец“ ќе се прошири кон Собранието. Се размислува единствено на тој простор да се движат автобусите од јавниот градски превоз. Сообраќајот ќе се одвива преу улицата „Даме Груев“ кој ќе биде алтернативната сообраќајница и која треба да се прошири во булевар со четири ленти, за што ќе биде срушена зградата на поранешен „Макотекс“.
 

Содржината е прочитана 75 пати.