Македонија

Обезбедени 13 милиони евра од ЕБОР за електронски систем за наплата долж Коридорот 8

Проектот е во вкупна вредност од 13,7 милиони евра предвидува, меѓу другото модернизација на постојните наплатни станици на Коридорот 8 и изградба на две нови наплатни станици на автопатoт Миладиновци-Штип и една на автопатoт Кичево-Охрид

петок, 20 септември 2019

Министерката за финансии Нина Ангеловска, директорот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во земјава Анди Аранитаси и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Зоран Китанов денеска потпишаа договор за реализација на проектот „Изградба и инсталација на електронски систем за наплата на патарини долж Коридорот 8 и автопатот Миладиновци-Штип“.

Проектот, кој е во вкупна вредност од 13,7 милиони евра од кои 13 милиони евра се обезбедуваат како кредитот од ЕБОР, а 700.000 евра се од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта, ќе обезбеди побрз транспорт, олеснет проток на возила без гужви во сообраќајот и електронски систем за наплата на патарините низ целата земја.

„Договоротот кој го потпишуваме со ЕБОР е од исклучително значење за сите нас. Со имплементација на овој договор ќе се обезбеди побрз и полесен транспорт, без гужви на патаринте, зголемена безбедност во сообраќајот и воведување на електронски систем за патарини на територијата на целата земја. Преку проектот ќе се подобри ефикасноста на наплатата на патарините, што, пак, ќе придонесе за зголемување на обемот на приходи на ЈПДП и нивно користење за подобрување на одржување на патната мрежа во земјава“, рече министерката Ангеловска.

Проектот предвидува надградба и модернизација на постојните наплатни станици долж Коридорот 8 и изградба на три нови наплатни станици на делниците кои се во тек на изградба и тоа две на автопатoт Миладиновци-Штип и една на автопатoт Кичево-Охрид. Исто така, се предвидува инсталирање опрема за поврзување на надградените и на новите наплатни станици со оперативниот центар за патарини во Петровец, како и изградба на дополнителна лента за зголемување на капацитетот на наплатната станица на Миладиновци долж Коридорот 8. Покрај тоа, проектот предвидува и инсталирање соларни панели на сите 15 станици за наплата на патарината во целата држава, со цел да се промовира поголемо користење на обновлива енергија. Овие панели ќе генерираат скоро половина од електричната енергија потребна да се одржуваат станиците.

„Со проектот ќе се поддржи користењето обновлива енергија од фотоволтаични соларни панели за снабдување со енергија на сите наплатни станици за патарина ширум земјата. Воедно, овој проект ќе придонесе за намалување на емисијата на штетни гасови, бидејќи ќе се намали времето на чекање за корисниците на патиштата на Коридорот 8“, рече директорот на Канцеларијата на ЕБОР, Аранитаси, потенцирајќи дека Банката поддржала седум проекти во патната инфраструктура во земјава во висина од 360 милиони евра.

До денес, ЕБОР има инвестирано над 1,9 милијарди евра во 117 проекти во Македонија.
 

Содржината е прочитана 46 пати.