Инфо

Град Скопје потпиша договор за набавка на 33 автобуси на гас

Од германски MAN ќе се набават нови 12 зглобни и 21 единечен автобус со поединечен капацитет од 149, односно, 85 патници

среда, 25 септември 2019

Најдоцна за седум месеци скопјани ќе се возат во нови автобуси. Град Скопје потпиша договор со германската компанија MAN за набавка на 33 нови автобуси на гас, од кои 12 зглобни и 21 единечен автобус кои ќе бидат дел од возниот парк на ЈСП.

Со потпишувањето на овој договор и официјално почнува постапката за набавка на овие автобуси кои од идната пролет ќе сообраќаат по улиците на Скопје, со што значително ќе се подобри јавниот транспорт во главниот град.

„Вкупно 33 нови еколошки автобуси со погон на гас ќе бидат дел од возниот парк на ЈСП. Наша заложба е креирање јавен транспорт кој е економски ефикасен и не го загадува воздухот. Набавуваме 21 нископоден автобус со поединечен капацитет од 85 патници и 12 зглобни нископодни автобуси со поединечен капацитет од 149 патници“, рече градоначалникт на Скопје, Петре Шилегов по потпишувањето на договорот.

Новите автобуси се во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија и ги задоволуваат стандардите за емисија на Euro 6. Овој тип на автобус, како што посочи Шилегов, во Германија ја поседува ознаката „Син ангел“ и е прогласен за екоавтобус за 2016 година во Европа.

Според градоначалникот на Скопје новите автобуси се далеку поповолни за животната средина, но и поекономични од постарите автобуси. Еден екоавтобус заштедува до 25.000 евра гориво на годишно ниво, но, сепак, најголемата предност е тоа што емитуваат значително помалку јаглероден двооксид, што значи дека речиси воопшто не го загадуваат воздухот.

Од друга страна, пак, новите автобуси ќе овозможат превезување на речиси двојно повеќе патници од двокатните, ќе имаат поголем простор и комоција за движење што ќе придонесе за побрз проток на патниците низ возилото, со повеќе врати за влез и излез, како и валидатори на предната и на задната врата.

„Редовното одржување на автобусите во гарантниот период од три години е една од најзначајните карактеристики на целокупната набавка. Во новите автобуси ќе има можност за валидација на најмалку две места во возилото, што исто така ќе придонесе за побрз проток на патниците при влез и излез во автобусот“, рече директорот на ЈСП, Кристијан Чушков.

Парите за набавка на автобусите се обезбедени преку Договорот за користење заем од ЕБОР во висина од 10 милиони евра, кој беше потпишан во јануари годинава и плус 1,8 милиони евра од сопствено учество на ЈСП „Скопје“.
 

Содржината е прочитана 277 пати.