Инфо

Објавен оглас за субвенции за печки на пелети во домаќинствата

Министерство за економија за реализација на оваа мерка има предвидено вкупно 30.000.000 денари, но половина од предвидените средства годинава за прв пат се наменети за ранливите категории граѓани

четврток, 26 септември 2019

Министерството за економија денеска објави Јавен повик за надомест на дел од трошоците за купување печки на пелети со кои домаќинствата ќе ги заменат старите печки на јаглен, дрва, нафта или мазут.

Како што рече на прес-конференција министерот за економија, Крешник Бектеши целта е да се стимулираат домаќинствата да користат обновливи извори на енергија за затоплување на своите домови кои минимално ја загадуваат околината и не влијаат врз климатските промени

Со субвенцијата на граѓаните кои ќе купат печки на пелети со кои ќе се заменат старите печки на јаглен, дрва, нафта или мазут, ќе им се надомести до 50 проценти од трошоците за купување на новите печки, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство за 2019 година.

Во Буџетот на Министерство за економија за оваа година за реализација на оваа мерка се предвидени вкупно 30.000.000 денари. Но, за прв пат половина од предвидените средства се наменети за ранливите категории граѓани.

„Во септември беа направени измени на Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност, со што за прв пат се дава можност на лицата со ниски примања да можат да остварат право на надомест на дел од трошоците за купени печки на пелети пелети. За оваа категорија на баратели во Буџетот се обезбедени 15.000.000 денари, а како главен услов за остварување на надомест е лицата со ниски примања да се вработени или едниот брачен другар да е вработен и нивните месечни примања во семејството да не го надминуваат нето приходот од 30.000 денари“, рече Бектеши.

Право на учество во оваа категорија имаат лицата кои ќе купат печки на пелети по денот на објавување на јавниот оглас, додека освен оваа категорија граѓани, на јавниот повик може да учествуваат и сите кои купиле печки на пелети во периодот од 1 јануари 2019 година до денот на завршување на јавниот оглас. Доделувањето на надоместокот ќе се врши по принципот „прв дојден прв услужен“ или до искористување на средствата за оваа намена.

 

Содржината е прочитана 120 пати.