Инфо

Од 1 ноември билет за едно возење во градскиот превоз во Скопје по цена од 50 денари

четврток, 26 септември 2019

Од 1 ноември во автобусите на ЈСП и на приватните првозници во градскиот превоз на Скопје ќе може да се купи билет за едно возење. Цената на овој билет ќе изнесува 50 денари. Вака денеска одлучија советниците во Советот на Град Скопје.

Станува збор за хартиен билет кој, како што појасни градоначалникот Петре Шилегов, треба да ја пополни празнината што настана со воведување на картичката „Скопска“ за оние кои ретко користат јавен превоз ретко, а особено за туристите.

„Картичката ’Скопска’ може да се надополнува само во билетарниците на ЈСП и трафики. Граѓаните кои ретко го користат јавниот превоз или се од другите градови, а во Скопје доаѓаат по потреба, мора да набават неперсонализирана картичка или да платат со мобилен телефон. Во најнеповолна ситуација се туристите кои не можат да ги користат сегашните опции на јавен провоз, односно не можат да купат карта во автобусите“, рече градоначалникот Петре Шилегов.

Цените на превозот за надополнување на картичката „Скопска“ остануваат непроменети, односно 35 денари чини едно возење со надополнување на картичката од најмалку 105 денари, а 25 денари кога се врши надополнување за 10 возења кои чинат 250 денари и важи само 15 дена.
 

Содржината е прочитана 294 пати.