Интервјуа

„Децата се учителите на следната генерација“ е мотото на образовниот центар „Бибиверзум“

Интервју со Кирил Барбареев, професор на факултет за образовни науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и координатор на образовната програма „Бибиверзум“ во кое говори за тоа што опфаќа платформата „Во светот на Биби“, за целта на овој тип образование, за пристапот и методите по кои се работи во Центарот, но и за немањето визија за образованието во 21 век во Македонија, за отсуството на јасна стратегија во образовната политика за целосен пристап од предучилишно образвание до универзитет, како и за нарушениот општествен и економски статус на професијата наставник во државата

понеделник, 07 октомври 2019

МАРИЛИ: Што претставува „Бибиверзум“, појаснете подетално дали е поврзано со реален престој во одреден центар каде децата учат и се стекнуваат со знаења на еден неконвенционален начин, или ги опфаќа и современите форми на интернет комуникација? 
БАРБАРЕЕВ:
Образовниот центар „Бибиверзум“ е дел од големата образовна платформа „Во светот на Биби“. Образовната платформа интегрира многу образовни алатки и ресурси за воспитување и образование на децата. Печатени и дигитални изданија, сликовници, боенки, училишен прибор, играчки, друштвени игри, облека и уште многу други производи. Сите овие производи ќе бидат дел од програмата во „Бибиверзум“, во која ќе ги интегрираме и користиме со цел децата да го запознаваат животот, да го доживуваат неговото богатство, да ги почувствуваат и да влезат во неговите убавини, да се соочуваат со неговите спротивности и промени, постепено да го согледуваат своето место во реалноста.
Во оваа прва фаза ќе започнеме со возраста од 5-7 години. Времетраењето на активноста е 90 минути, секоја активност е планирана да се реализира со максимум 8 деца.

МАРИЛИ: Која е целта на овој тип образование и како тоа може да влијае на идниот развој на личноста на дететето и неговото гледање и сфаќање на она со кое ќе се соочува во текот на животот?
БАРБАРЕЕВ:
Целта е да се зајакне мотивацијата на децата за длабинско учење, да се создаде стимулативна и креативна средина за радост кон учењето, да се зајакне размислувањето и учењето за учење. Затоа ќе применуваме различни концепти на учење согласно индивидуалните потреби на децата користејќи ги анимациите со ликовите од „Светот на Биби“. И, особено важно во центарот ќе биде пристапот и методите на работа на учителите.
Програмата има воспитни и образовни цели. Образовните цели се однесуваат на когнитивната сфера на личноста, на усвојување на знаења и развој на способностите и вештините, воспитните цели се посветени на конативната и афективната сфера на личноста, на формирање ставови и уверувања, вредносни ориентации, морални особини на личноста, развој на чувствата, емоционалната интелигенција.

МАРИЛИ: Од каде идејата за ваков тип образование да се примени и во нашата земја, дали е оригинална или веќе постојат вакви слични проекти во светот? 
БАРБАРЕЕ
В: Идејата дојде од факултети.мк и деца.мк. Јас сум само еден од креаторите. „Светот на Биби“ е голем тим кој има многу инспирација, многу енергија и многу волја за подобро образование, луѓе кои веруваат дека во Македонија има капацитет да се направи добар воспитно-образовен систем. Иако јас сум еден од креаторите на програмата, концептот на програмата, дидактичкиот материјал, нагледните средства, материјалите за учење, начинот на реализација на програмата ги подготвуваат врвни професионалци. Ќе споменам само дел од тимот: Билјана Црвенковска, Михајло Димитриевски-ТхеМичо, Маја Џеповска, Стојче Коко Ѓорѓиев, Марјан Алексовски, Жарко Стојановски, Мартин Поповски. Тоа е само дел од тимот кој заедно размислува и го подготвува концептот за поинаква воспитно-образовна парадигма во Македонија, со нова филозофија на образование.

МАРИЛИ: Колку време созреваше идејата за овој проект, дали Вашите студиски престои во повеќе европски земји помогнаа во анализите за тоа каков е универзумот на денешните деца и преку кои методи тие ќе учат најдобро? 

БАРБАРЕЕВ: Се работи многу посветено на секоја тема и секоја активност. Работиме тимски и се координираме. Секако дека искуствата од другите земји се многу значајни и користиме добри примери од праксата. Но, нашата цел е да создадеме наш, автентичен модел на образование. Во овој момент тргнуваме како пилот-фаза со 10 активности и потоа ќе анализираме како понатаму. Ќе се применува т.н. интегриран пристап на работа со децата. Целта на овој пристап е да им се овозможи на децата да ги видат врските и меѓузависноста на одредени предмети во училиштето и феноменот на животот надвор од училиштето. Овој пристап треба да им помогне на децата да ги поврзат знаењата и вештините од различни дисциплини, да го структурираат нивното учење, да излезат со нови прашања, како и да создадат нови знаења преку заедничко работење. Секоја активност ќе има кратко педагошко сценарио и ќе се подготвува според трите клучни прашални збора. Што ќе правиме? Зошто тоа ќе го правиме? Како ќе го правиме?


МАРИЛИ: Дали овој проект е универзален и може да биде применлив во било која земја од Европа и светот, од што зависи неговата имплементација?
БАРБАРЕЕВ:
Тоа зависи од повеќе фактори. Голем дел од активностите можат да се применуваат секаде. Сказните и видеата на Биби можат да се преведат на сите јазици. Сите педагошки сценарија можат да се прилагодуваат, тоа ќе зависи од искуствата на учителите. Во „Бибиверзум“ нема да има предмети како во класичните училишта, тука секоја тема е поврзана со различни дисциплини. Се избира тема од современиот живот што се однесува на животот на секој граѓанин; се комбинира содржината со различни теми и се бараат врските помеѓу темите и работите во училиштето и во секојдневниот живот. На пример, во темата „ЛАБОРАТОРИЈАТА НА БИБИ“ поврзаноста ќе биде и со природните науки, но и со хуманистичките вредности на искористување на природата денес од човекот.

МАРИЛИ: Вие сте професор на Универзитет, работите со студентската популација, па што Ве натера да се фокусирате на образование на децата од претшколска возраст?

БАРБАРЕЕВ: Сфатив дека децата се учителите на следната генерација, тоа е и нашето мото во „Бибиверзум“. Образованието на децата и младите е најважната тема според мене. Земјите кои имаат силно конфучијанско влијание, преку образованието градат свесност кај своите граѓани кон три најважни нешта во животот на еден човек: семејството, образованието и работата. Тоа се култури кои ги воздигнуваат наставниците и тоа е професија со најсилен општествен статус.
Теодор Лит вели дека училиштето е родното место на новиот подобар свет. Училиштето треба да се изгради во „место за живот на младите“.

МАРИЛИ: Инвестицијата во образованието е сериозна потреба на општеството, од најмала возраст па се до високо образование. Каде Вие го гледате најголемиот проблем во универзитетското образование денес?
БАРБАРЕЕВ
: Новата парадигма во Македонија треба да биде втемелена врз сериозен професионализам во образованието, истражувањето и информатичко-технолошкиот напредок. Но, таа нова парадигма, тој нов концепт не може да се објаснува и воведува изолирано и неповрзано со културата, со вредносниот систем, економијата, традициите, политиката и другите општествени сегменти. Тоа мора да се случува паралелно.
Ставот на Европската комисија е дека Европа мора да ги зајакне трите пола на триаголникот знаење- образование-истражување иновации. Универзитетите се најважни за сите три. Тука оди иднината на Европа, во образованието. Така треба да размислуваме и ние. Поентата не е само да имате фабрики, машини, недвижности..., туку дали имате идеи, дали планирате развој, материјални и духовни добра  

 
МАРИЛИ: Можеме ли преку нашето образование да ги вметнеме нашите традиционални и културолошки вредности и да ја развиеме почитта на младите кон сопствената татковина, со што ќе го намалиме феноменот на иселување којшто нема само економски корени?
БАРБАРЕЕВ
: По природа сум оптимист секогаш. Македонија може да ги надмине предизвиците со кои се соочува. Тоа зависи од сите нас, но најмногу од политичарите кои треба го променат својот однос кон општеството и институциите. Постојат примери во светот во кои реформата за подигање на одговорноста и ниската точка на морал во општеството ја започнуваат токму со системот за образование на учителите. Треба да се создаде атмосфера на можности и од општество на порази и страв од победи, да тргнеме во поинаква насока. ЗАЕДНИЦАТА СТАГНИРА КОГА НЕМА ИМПУЛСИ И ЕНЕРГИЈА ОД ИНДИВИДУИТЕ. ЕНЕРГИЈАТА УМИРА КАЈ ИНДИВИДУИТЕ КОГА ЗАЕДНИЦАТА НЕ Е ЕМПАТИЧНА И СОЧУВСТВИТЕЛНА. Затоа, прво мора да се врати довербата и мотивацијата.

МАРИЛИ: Кое е Вашето мислење, кои се причините што доведоа да се изгуби респектот кон професијата наставник, што претставува голема загуба за образовниот систем. Може ли тоа да се поправи и како? 
БАРБАРЕЕВ:
Предолго се нема визија за образованието во 21 век во нашата држава. Ниту една образовна политика немала целосен пристап од предучилишно до универзитет, со јасни цели и стратегија. Од друга страна, професијата е со нарушен општествен и економски статус, но и со проблеми со самите себе, со поимањето за себе и патиштата на својата афирмација и самоактуелизација. Темелна определба во промената на образовната парадигма за иницијалното образование треба да биде во целосната професионализација на професијата наставник во сите фази од развојот на наставникот. Со сериозни инвестиции во системот, со силен компетитивен дух и избор на најдобрите кадри за наставници. Ние треба да создадеме систем преку кој младите ќе развиваат вештини фокусирани на хуманистичките вредности, на критичкото размислување, на лидерството и решавањето комплексни проблеми.

МАРИЛИ: Што, за Вас претставува учителот и кое е најубавото чувство кога ги едуцирате младите луѓе?
БАРБАРЕЕВ:
Само учителот кој е пример со своето однесување, само добриот пример има сила да предизвика внатрешна промена, преобразба, просветлување. Само добриот учител го може она што не го може ниту една технологија на однесување и ниту еден систем на програмирана настава- да ти ги отвори очите, да му ги отвори очите на детето, ученикот, студентот за цел живот и да создаде нова етичка личност.
Тоа е за мене учителот.

 

Содржината е прочитана 580 пати.