Инфо

Дино Мерлин ќе ги забавува скопјани за пречекот на новата 2020 година

Настапот на балканската ѕвезда ќе го чини Град Скопје нула денари, а пари ќе бидат одвоени за украсување на градот и за новогодишната населба „Винтерленд“

четврток, 17 октомври 2019

Дино Мерлин ќе ги забавува скопјани за пречекот на новата 2020 година на плоштадот „Македонија“. Настапот на балканката ѕвезда се најавува 2,5 месеци порано со цел, како што рече градоначалникот Петре Шилегов, во Скопје да дојдат што поголем број туристи од целиот регион за заеднички да ја дочекаат новата година.

„Малку се ѕвезди на Балканот, а Дино е една од нив. Настапот го договоривме уште во април и очекувам голем број посетители не само од земјава. Најавата е волку рано токму поради тоа, бидејќи сметаме дека така вљубениците во музиката на Дино од регионот ќе можат навреме да го испланираат пречекот на новата година“, рече Шилегов.

Босанскиот пејач рече дека очекува најмалку 50.000 луѓе заедно со него да ја прослават Новата година на плоштадот во Скопје. Појасни дека иако имал и други понуди, сепак, пресудила упорноста на градоначалникот.

„Долги години поминав свирејќи во оваа земја. Градоначалникот беше толку упорен, што не можев да кажам не. Добра работа е кога упорноста, желбата и приликата ќе се гушнат. Има луѓе кои не доаѓале на мои концерти и сега ќе имаат прилика да видат како го правиме тоа. Очекувам голем концерт и верувам дека ќе дојдат 50.000 луѓе во Скопје“, рече Дино Мерлин.

На прашањето на новинарите во врска со цената за ангажманот на Мерлин, Шилегов рече дека познатата регионална ѕвезда ќе го чини Град Скопје нула денари, а дека пари ќе бидат одвоени како и лани за украсување на градот и за новогодишната населба „Винтерленд“.
 

Содржината е прочитана 259 пати.