Инфо

Еден милион евра кредит од ЕБОР за инвестиции во зелена енергија

Средствата пласирани преку Прокредит банка Македонија се наменети за домаќинствата, здруженијата за домување и компаниите за сервисни услуги кои планираат да инвестираат во проекти на енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија

вторник, 22 октомври 2019

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) со кредит од еден милион евра пласирани во Прокредит банка Македонија ќе поттикува инвестиции во зелена енергија во земјава.

Средствата ќе се користат за подобрување на енергетската ефикасност на станбените објекти, со цел да се намали емисијата на гасови кои создаваат ефект на стаклена градина и да се подобри квалитетот на живеење на луѓето. Наменети се за домаќинствата, здруженијата за домување и компаниите за сервисни услуги кои планираат да инвестираат во проекти на енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Средствата можат да се користат за зелени технологии како бојлери, прозорци и осветлување.

Финансирањето на ЕБОР е под Програмата за поддршка за зелена енергија (ППЗЕ), а Прокредит банка Македонија е третата македонска банка што се приклучува на оваа програма.

ППЗЕ во Северна Македонија е дел од Програмата за поддршка за зелена енергија (ППЗЕ) за Балканот во износ од 85 милиони евра, лансирана во 2017 година. Програмата е заедничка инцијатива на Европската унија, Федералното Министерство за финансии на Австрија и земјите кориснички на фондовите од Инвестициската програма за Западен Балкан (ИПЗБ).

 

Содржината е прочитана 98 пати.