Инфо

Доделени наградите „13 Ноември“

Во рамки на свеченоста по повод Денот на ослободувањето на Скопје во фоајето на Националната опера и балет беше отворена изложба на ликовните дела од меѓународната ликовна колонија „Скопје 2019“

четврток, 14 ноември 2019

Синоќа во Националната опера и балет беа доделени наградите што по повод одбележување на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје ги доделува Градот Скопје. Градоначалникот Петре Шилегов свечено им ги врачи наградите на годинашните добитници кои дале свој придонес за развојот на градот и за неговиот севкупен напредок.

За остварувања во науката, техниката и стопанството од областа „Обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност“ наградата ја доби проф. д-р Христина Спасевска, професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии при УКИМ

Од областа на хуманитарната активност наградата ѝ беше врачена на д-р Жикица Ѓорѓиевски, стоматолог која е наградена за континуирана поддршка на лицата од социјален ризик.

Директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими ја доби наградата од областа на културата за посебен придонес во културата и севкупниот развој и афирмација на Град Скопје.

Од областа на уметноста наградени се Фросина Зафировска, кустос советник во пензија, за значајни достигнувања во областа на музејската дејност, визуелните уметности, архитектурата и дизајнот и Бисера Чадловска, диригент, за континуирано успешно творештво во областа на музичката уметност.

Две 13-то ноемвриски награди се доделени и во областа на публицистиката. Ерина Богоева, фотограф е наградена за изработка и издавање на монографијата со фотографии „Скопје-архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“, додека Александар Трајковски, музички педагог, истражувач и публицист за значаен придонес во областа на културата, уметноста и литературата со објавувањето на книгата „Музиката во македонскиот игран филм од Фросина до Лазар“.

Од областа на спортот наградата му беше врачена на карате клубот „Работнички“- Скопје за 50 години постоење и постигнати врвни спортски резултати на домашен и меѓународен план. А награда доби и Алили Бесир, за освоено прво место на Европското првенство во борење за кадети.

Награда им беше врачена и на учениците Ана Марија Атанасовска и Стефан Стојковиќ од СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин “ за успешни постигнувања и резултати во наставните и воннаставните активности и посебен придонес за афирмација на градот Скопје во светот.

Во рамки на свеченоста по повод Денот на ослободувањето на Скопје, во фоајето на Националната опера и балет, беше отворена изложба на ликовни дела од меѓународната ликовна колонија „Скопје 2019“.

 

Содржината е прочитана 242 пати.