Бизнис вести

Фондот за иновации објави два повика за кофинансирани грантови за технолошки развој

Двата повика се во вкупна вредност од шест милиони евра. Фондот ќе покрива до 30 отсто од инвестицијата, а останатите 70 отсто ќе треба да ги обезбеди апликантот од сопствени средства или од други извори

петок, 13 декември 2019

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) објави два јавни повика за инструментот кофинасирани грантови за технолошки развој во вкупна вредност од шест милиони евра. Фондот ќе покрива до 30 отсто од инвестицијата, а останатите 70 отсто ќе треба да ги обезбеди апликантот од сопствени средства или од други извори.

Првиот по скратена процедура, во вредност од три милиони евра, ќе биде отворен до 27 декември годинава и на него ќе можат да аплицираат компании кои годинава веќе учествувале на јавните повици на Фондот и ги поминале административната и претселективаната фаза. Вториот, во вредност од три милиони евра, е по редовна постапка и ќе биде отворен до 5 февруари идната година и на него ќе можат да аплицираат и компании кои досега не учествувале на претходните јавни повици на ФИТР.

Повиците се наменети за микро, мали и средни компании, како и за приватни здравствени установи (ПЗУ) до 250 вработени и не повеќе од 10 милиони евра годишен приход кои се регистрирани во земјава, без разлика на нивната сопственост.

„Клучната новина што ја воведуваме денеска е скратената процедура за аплицирање, односно, го олеснуваме пристапот на компаниите до средства за реализација на инвестициски проекти. Скретената процедура важи за сите компании апликанти кои во изминатава година учествувале на јавните повици на ФИТР по било кој инструмент и притоа поминале две од трите фази на оценувањето. Тие веднаш одат до Комитетот за одобрување на инвестиции за разгледување и донесување конечна одлука, а административните проверки ќе се направат пред потпишување на договорите“, рече директорот на ФИТР, Јован Деспотовски на денешната прес-конференција.

Тој појасни дека за микро компании се нуди кофинасирање од 30 отсто од инвестицијата за проектот, но не повеќе од пет милиони денари, а за малите и средни компании компании, исто така до 30 отсто од инвестицијата, но не повеќе од 10 милиони денари. Соодветно ќе биде и за рпиватните здравствени установи.

Деспотовски очекува по потпишувањето на договорите да се поттикне инвестициски циклус во приватниот сектор од најмалку 20 милиони евра.

Според првиот човек на Фондот, целосната процедура за првиот повик треба да заврши до јануари идната година и да почне исплатата на средствата, а за вториот повик постапките за оценување ќе течат и покрај изборите, но одлуките за финасирање нема да се носат се додека не заврши изборниот процес.

Двата јавни повика и условите за државна помош, како и неопходните формулари за аплицирање и критерумите по кои ќе се врши оценувањето од денеска се објавени на веб-страницата на Фондот за иновации. Според Деспотовски, на компаниите кои прв пат ќе аплицираат во редовната постака за грантови им се нуди техничка помош во постапката за аплицирање од страна на ФИТР што ќе биде на товар на Фондот.

 

Содржината е прочитана 296 пати.