Инфо

Проработи Националниот портал на услуги uslugi.gov.mk

На порталот во електронска форма се достапни 127 услуги од 28 институции со можност овој број во иднина да се зголемува, достапен е на македонски, албански и на англиски јазик, а пристап до него имаат домашни и странски лица. Заедно со порталот објавен е и каталог на услуги

вторник, 17 декември 2019

Вчера официјално беше пуштен во употреба Националниот портал за електронски услуги - uslugi.gov.mk, преку кој граѓаните со една најава, корисничко име и лозинка ќе можат да добијат различни услуги во електронска форма, како и да плаќаат административни такси.

Порталот со мото „Секогаш први на ред, нема повеќе – кој ќе чека пак“ го реализираше Министерството за информатичко општество и администрација со финансиска помош од Европската унија.

На порталот во електронска форма се достапни 127 услуги од 28 институции. Министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски најави дека овој број во иднина ќе се зголемува, бидејќи на располагање се 1.300 услуги, а веќе до крајот на годината ќе се зголеми за уште 20. Заедно со порталот објавен е и каталог на услуги. Порталот е достапен на македонски, албански и на англиски јазик. Пристап до него имаат домашни и странски лица.

Порталот е сочинет од јавен и приватен дел. На јавниот дел можат да се добијат сите услуги без најава и идентификација, но приватниот дел е достапен само за евидентирани и регистрирани лица.

Според Манчевски, покрај брзината за добивање услуга и заштедата на време, една од клучните придобивки е и намалувањето на корупцијата.

„Точно ќе се знае каде е одреден документ и ќе нема веќе заглавени документи во фиоките“, рече Манчевски.

Премиерот Зоран Заев појасни дека за резултатите од оваа електронска платформа претходеа повеќе активности, технички решенија и регистри.

„Денес сите услуги можете да ги најдете на едно место. Голем дел од услугите се дигитализирани. На поратлот ќе се плаќаат и надоместоците и административните такси. Од денеса ќе можат да се добијат потврди од Министерството за труд и социјала, обрасци М1 и М2 од Агенцијата за вработување, да се објават неважечки документи од ’Службен весник’, да се земе односно извади М4 образецот од ПИОМ, да се проверат лични податоци од Централниот регистар на население добиени од вкрстување на податоците од Управата за водење на матичните книги, МВР и Централниот регистар и други“, рече Заев и ги повика институциите редовно да ги евидентираат услугите и активностите за да можат граѓаните да користат што поголем број од нив.
 

Содржината е прочитана 258 пати.