Инфо

Скопје до 2025 ќе добие пречистителна станица за отпадни води вредна 136,73 милиони евра

Пречистителната станица ќе опслужува над 500.000 жители и ќе покрие девет од 10-те скопски општини. На годишно ниво ќе третира 51,3 милиони кубни метри непреработена отпадна вода

петок, 20 декември 2019

Скопје до 2025 година треба да добие пречистителна станица за отпадни води, за што ќе бидат инвестирани 136,73 милиони евра. Дел од овие средства се заеми од европските банки, поточно 58 милиони евра се обезбедени од Европската банка за обнова и развој, а од Европската инвестициска банка 68 милиони евра, додека дополнителни 10 милиони се инвестициски грант, обезбедени од Иницијативата за економско зајакнување на ЕИБ.

Министерите за финансии и за животна средина и просторно планирање, Нина Ангеловска и Насер Нуредини денеска потпишаа договор за изградба на пречистителната станица, со кој се затвора финансиската конструкција на овој капитален проект, чија реализација ќе овозможи третирање на отпадните води според сите европски стандарди.

Пречистителната станица ќе опслужува над 500.000 жители и ќе покрие девет од 10-те скопски општини. На годишно ниво, новата пречистителна станица ќе третира 51,3 милиони кубни метри непреработена отпадна вода. Во реализацијата на проектот ќе бидат вклучени Министерството за животна средина и просторно планирање, Град Скопје и јавното претпријатие „Водовод и канализација“.

„Обезбедуваме средства за трајно решавање на проблемот со отпадните води. Со потпишување на договорите за изградба на пречистителна станица, покажуваме дека сме фокусирани на заштитата на животната средина. Инвестираме 136,73 милиони евра во проект кој му е итно потребен на главниот град, затоа што со зголемувањето на населението, урбанизацијата и брзата индустријализација континунирано се зголемува количината на непречистени води што домаќинствата и фирмите ги испуштаат во Вардар“, рече министерката за финансии Нина Ангеловска на денешното потпишување на договорите.

Според министерот за животна средина и просторно планирање,Насер Нуредини, ова е еден од најголемите проекти во областа на животната средина со кој ќе се заокружат напорите на земјата за решавање на проблемот со отпадните води во главниот град.

„После 15 години овој проект станува реалност. Ние, како претпријатие досега вложивме многу ресурси во негова реализација. Ова е втора најголема инвестиција на оваа Влада и една од најмодерните досега, со која застануваме рамо до рамо со европските земји“, рече директорот на ЈП „Водовод и каналиција“, Душко Весковски.

 

Содржината е прочитана 333 пати.