Бизнис вести

Собранието го донесе Буџетот за 2020 година

Буџетот за наредната година „тежи“ 3,9 милијарди евра, со планирани приходите од 3,6 милијарди евра и расходи од 3,9 милијарди евра. Предвиден е економски раст од 3,8 проценти, додека инфлацијата ќе биде 1,7 отсто. Буџетскиот дефицит е намален и е предвиден на ниво од 2,3 проценти од БДП

понеделник, 23 декември 2019

Со 65 гласа „за“, 23 „против“ и без воздржини Собранието вчера го донесе Буџетот за 2020 година. Исто така пратениците го донесоа и Законот за извршување на Буџетот за следната година.

Ова е досега најобемниот буџет и „тежи“ 3,9 милијарди евра. Приходите се планирани на 222,3 милијарди денари, или 3,6 милијарди евра, а расходите на 239,7 милијарди денари, одосно 3,9 милијарди евра. Капиталните инвестиции се проектирани на ниво од 23,6 милијарди денари, со предвиден економски раст од 3,8 проценти, додека инфлацијата да се држи на ниско ниво од 1,7 отсто. Буџетскиот дефицит е намален и е предвиден на ниво од 2,3 отсто од БДП.

Во фокусот на идниот Буџет, како то наведуваа досега неговите творци, е човечкиот капитал. Министерката за финансии Нина Ангеловска изјави дека новиот Баџет е насочен кон обезбедување подобар здравствен, образовен и социјален систем и силна поддршка за раст на реалниот сектор, поддршка на домашната економија, продолжување на инфраструктурните проекти и поттикнување нови инвестиции и работни места.

„Овој буџет е фокусиран на инвестициите во човечкиот капитал, затоа што како земја сме исправени пред најголемиот предизвик - како да ги задржиме нашите граѓани во земјата, како да им понудиме подобри услови за живот и како да придонесеме да бидат посреќни и помотивирани на нивните работни места. Ние имаме квалитетни лекари, одлични експерти во својата област и треба да ги задржиме во земјава да бидат дел од јавното здравство. За да мотивираме дел од квалитетните студенти да работат во просветата, треба да им понудиме пристојни плати. Сакаме да обезбедиме грижа за сите генерации, од најмладите до највозрасните“, рече министерката Ангеловска образложувајќи го буџетот.

Социјалните трансфери се проектирани на износ од 116 милијарди денари. Во текот на 2020 година 60,7 милијарди денари се наменети за исплата на зголемени пензии, чие покаќување е планирано за околу 700 денари, почнувајќи од јануарската пензија. За исплата на паричен надоместок во случај на невработеност за невработените лица планирани се средства во износ од 1,6 милијарди денари.


 

Содржината е прочитана 254 пати.