Инфо

Доделени 13 спортски оскари на најдобрите жени во македонскиот спорт

Во организација на граѓанската организација ТАКТ од Скопје, беа доделени награди во тринаесет категории и се славеа успехот и најдобрите спортски достигувања на жените спортистки во 2018 година

понеделник, 23 декември 2019

Деновиве во Скопје се одржа настанот „Вечер за жени во спортот“ на кој за првпат во државата се доделуваа спортски оскари за најдобрите жени од спортот. Беа доделени награди во тринаесет категории и се славеа успехот и најдобрите спортски достигувања на жените спортистки во 2018 година.

За најдобра спортистка за 2018 година беше прогласена фудбалерката Наташа Андонова, член на шпанскиот гигант Барселона.

Кошаркарската легенда Стојна Вангеловска доби посебно признание за животно дело, а поранешната репрезентативка и актуелен декан при Факултетот за физичко образование, спорт и здравје Ленче Алексовска-Величковска признание за нејзината активност за еднаквост во спортот. Генералниот секретар на Македонската кошаркарска федерација, Моника Гаврилоска беше прогласена за најуспешна спортска менаџерка.

Ана Марија Георгиева доби оскар за најнадежна млада спортиска, Јулија Црвенковска за најуспешен тренер, а Сара Ристовска за најуспешна во колективен спорт. Ракометниот арбитарски тандем Марија Илиева и Силвана Карбеска се прогласени за најдобри судии – дами, додека новинаркта Ирена Андреевска од Македонската телевизија доби признание за пидонес во портското новинарство.

Оскари добија и ЖРК Вардар за најуспешен тим, Специјална Олимпијада на Македонија за најуспешна организација за позитивни општествени проемни преку спортот и Оливера Наковска-Бикова за најуспешна спортистка со инвалидитет.

Манифестацијата на реализираше граѓанската организација ТАКТ од Скопје, која е активна на полето на унапредување на родовата еднаквост во спортот и промоција на лидерство преку спорт. Целта на настанот беше да се истакне квалитетот и значајноста на женскиот спорт во Македонија, да се актуелизира и промовира заложбата за родова еднаквост во спортот и да се поттикне поголема медиумска поддршка на жените кои се активни и успешни во спортскиот сектор.

Настанот беше поддржан од Стејт Департмент на САД, Европска комисија со Европска недела на спорт и Амбасадата на Кралството Шведска во Република Северна Македонија.
 

Содржината е прочитана 233 пати.