Инфо

Александар Тодоров нов селектор на македонската кошаркарска репрезентација

среда, 25 декември 2019

Кошаркарската федерација на С. Македонија денеска го промовираше Александар Тодоров во нов селектор на машкиот национален тим.

Помошник на Тодоров ќе биде тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Ѓорѓи Кочов.

Амбиција на сите во Федерацијата и стручниот штаб е пласман на Европското првенство во 2021 година. Покрај оваа цел, новиот селектор најави и подмладување на репрезентацијата.

„Имаме неколку млади играчи и во домашното и во странските првенства кои се успешни во своите клубови и тие ќе добијат шанса. Но сакам да нагласам дека подмладувањето не сакам да звучи како алиби, туку потреба да се даде шанса на тие деца кои за неколку години ќе бидат основниот костур на во репрезентацијата“, рече Тодоров.

Првиот собир во пресрет на февруарските средби со Естонија (дома, 20 февруари) и со Русија (на гости 23 февруари) е закажан за 12 февруари, а селекторот Тодоров веќе добил потврда за присуство од 15-ина играчи, од вкупно 24 колку што се наоѓаат на неговиот список.

Договорот на Тодоров со КФСМ, во случај на пласман на Евробаскет 2021 е со важност до 2025 година.

Тодоров на селекторското место доаѓа како наследник на Јорданчо Давитков на кого не му беше продолжен договорот.

Пренесено од МИА
 

Содржината е прочитана 201 пати.