Бизнис вести

„Фајненс Тинк“: Треба да се укинат дел од парафискалните давачки на компаниите

среда, 25 декември 2019

Трошоците на фирмите за добивање лиценци, дозволи, одобренија и најразлични документи станаа еден од најсериозните финансиски проблеми.

Институтот за економски анализи Finance Think, објави анализа во која се гледа дека цената на парафискалните давачки на компаниите се движат од едно евро па се до 300.000 евра за добивање на потребен документ. Анализата покажала дека идентификувани биле 377 парафискални давачки од кои повеќе од половина се однесуваат на давачки за дозволи, лиценци, сертификати, за одобренија. А, освен финансиски товар, парафискалните давачки предизвикуваат потреба од ангажирање на ресурси за администрирање, и за бирократски процедури.

Од Институтот сметаат дека непостоењето на централно тело кое што би ги контролирало овие давачки е голем проблем за стопанството.

„Првата препорака е да постои еден унифициран регистар на парафискални давачки кој ќе ги опфати сите парафискални давачки и на локално и на централно ниво. Меѓутоа, исто така ќе биде доволно богат со информации за цена, од аспект на сектор, на намена. А притоа да може да се направи бришење или спојување на оние давачки кои се слични или не се потребни, или, пак, ги оптоваруваат компаниите“, рече Благица Петревски од Finance Think.

И бизнисмените сметаат дека скриените давачки во форма на парафискални трошоци ги надминуваат сумите на основните даноци кои ги плаќаат на државата.

„Она што компаниите најчесто го кажуваат, а што им е проблем кој се повторува се парафискалните давачки за трошоците за одржување на фискалните апарати, каде што има значителни износи кои непотребно се плаќаат“, рече Данела Арсовска, претседател на Сојуз на стопански комори.
 

Содржината е прочитана 280 пати.