Инфо

Прогласена епидемија на заразна жолтица во населба Даме Груев во Ѓорче Петров

Засега најмногу заболени лица се регистрирани на подрачјето на општина Сарај - 16 случаи, потоа следува општина Ѓорче Петров со 11 случаи, па Аеродром и Гази Баба со по 9, во Карпош се регистрирани 5 заболени, во Чаир 4 , во Чучер Сандево има три, во Центар двајца и по еден регистриран случај има во општините Бутел, Кисела Вода и Зелениково

петок, 27 декември 2019

Прогласена е епидемија на заразна жолтица во населбата Даме Груев во општина Ѓорче Петров. Одделението за епидемиологија при ЈЗУ Центар за јавно здравје - Скопје следејќи ја епидемиолошката состојба на подрачјето на градот Скопје констатираше дека од вкупно 9 пријавени случаи на заразна жолтица во оваа населба во периодот од 11 ноември до 23 декември годинава, 7 случаи се епидемиолошки поврзани, што беше доволно за да се прогласи епидемија.

Министерството за здравство информриаше дека и во општина Шуто Оризари се регистрирани два епидемиолошки поврзани случаи (сестрички), но, нема индикации за пријавување на епидемија во оваа општина.

Од почетокот на септември до 26 декември 2019 година на подрачјето на Скопје регистирани се вкупно 68 случаи на заразна жолтица од кои 48 случаи се диференцирани како вирусен хепатитис А и 20 се вирусен неозначен хепатитис. Ова е драстично зголемен број на заболени во споредба со 2016 година истиот период, кога биле регистрирани 6 случаи, во 2017 имало 35, додека во 2018 година - 28 случаи.

Во однос на местото на живеење засега најмногу заболени лица се регистрирани на подрачјето на општина Сарај - 16 случаи, потоа следува општина Ѓорче Петров со 11 случаи, па Аеродром и Гази Баба со по 9 случаи, во Карпош се регистрирани 5 заболени, во Чаир 4 , во Чучер Сандево има три, во Центар двајца и по еден регистриран случај има во општините Бутел, Кисела Вода и Зелениково.

Податоците покажуваат дека од вкупно 68 заболени лица, најголем број (29) се на возраст од 20-64 години, 7 се на возраст од 0-5 години, 14 се ученици на возраст од 6-14 години, 16 имаат од 15-19 години и 2 лицца се над 65-годишна возраст.

Министерството за здравтсво апелира до граѓаните да се следат препораките за санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки.
 

Содржината е прочитана 263 пати.