Инфо

Македонија предвреме го заврши настапот на Европското првенство во ракомет

Иако пред стартот на првенството преовладуваше оптимизам, бидејќи се сметаше дека имаме лесна група, сепак, се покажа дека реалноста е многу посурова, македонската репрезентација се враќа со една победа и два пораза

среда, 15 јануари 2020

Македонија предвреме го заврши настапот на Европското првенство во ракомет, откако синоќа го претрпе и вториот пораз во групата, овој пат од домаќинот Австрија.

Иако пред стартот на првенството преовладуваше оптимизам, бидејќи се сметаше дека имаме лесна група, сепак, се покажа дека реалноста е многу посурова. Дека прогнозите се можеби преоптимистички стана јасно уште на самиот старт, кога македонската репрезентација се намачи да го добие првиот меч и тоа против реално послабата Украина со гол во последната секунда. Поразот од Чешка во второто коло беше само најава за она што се случи вчера на мечот со Австрија, чиј краен резултат од 32:28 не е одраз на вистинската слика од натпреварот и можеше да биде далеку поболен доколку Австријците не се опуштија, со оглед на тоа што на 10 минути пред крајот водеа и со 10 голови

Така, Македонија ЕП 2020 го заврши уште по првата фаза во групите, забележувајќи најлош пласман на едно европско првенство. Допрва ќе се прават анализи за тоа што се случи и каде потфрли нашиот национален тим, дали вината е во нападот, во одбраната, или можеби во тактиката.

Селекторот Данило Брестовац вели дека мора да се направи проценка и анализа, но и да се создаде вистинска хемија во екипата, а доколку треба и да се жртвува едно големо натпреварување за да се создаде добар, квалитетен и пожртвуван национален тим.

„Треба да бидеме на чисто кој сака, а кој не сака да игра за репрезентацијата. Точно ќе се направи проценка и анализа, па дури ако треба и да се жртвува едно големо натпреварување за да може да се создаде нова добра генерација, но ние мора да направиме една драстична промена и да знаеме каде одиме. Тоа е што е, мора да продолжиме напред, без разлика дали тоа ќе биде со мене, или без мене. Нам ни останува да веруваме во овие млади играчи, верувам дека во догледно време ќе имаме силна селекција“, изјави Брестовац.

Капитенот Кире Лазаров во првата изјава ги сподели своите први впечатоци од неуспешниот обид да се победи Австрија.

„Заслужуваме секаква критика, повеќе боли тоа што го загубивме натпреварот во првите петнаесет минути, дозволивме Австрија да се одлепи. Никој не посакуваше вакво сценарио, јас сум многу разочаран бидејќи имавме и добра група, но допрва ќе правиме анализи со студена глава. Ние македонската нација ја имаме навикнато на сериозни работи, од нас се бара да одиме чекор понапред. Ниедна друга репрезентација во свет го нема тоа задоволство да ти дојдат 5.000-6.000 навивачи на 1.200 километри од дома“, рече Лазаров.

Стојанче Стоилов, пак, вината за неуспехот ја гледа кај играчите, а не кај селекторот.

„Бевме многу неконцентрирани, имавме многу падови, не може на вакво натпреварување да се прават грешки како што ние правевме. Недозволиво е тоа да се случи на теренот, вината треба да се бара кај нас играчите. Ни фали концентрација, секој играч ако направи по една грешка, тоа се 16 грешки. Нема повеќе што да се каже“, рече Стоилов.

 

Содржината е прочитана 182 пати.