Инфо

Потпишан договорот за изградба на автопатот Скопје – Блаце

Изградбата на автопатот со должина од 12,5 километри ќе чини околу 110 милиони евра и ќе се реализира во две фази. Напролет ќе започне изградбата на првите два километри од граничниот премин „Блаце“ до клучката кај истоименото село, додека втората, од клучката кај селото Блаце до клучката кај Стенковец се уште е во фаза на проектирање

четврток, 16 јануари 2020

Јавното претпријатие за државни патишта и градежната компанија „Гранит“ од Скопје денеска потпишаа договор за изградба на првите два километри од автопатот Скопје – Блаце.

Проектот за изградба на автопатот кој ќе ги поврзува Скопје и Приштина и ќе го скрати патувањето за помалку од еден час, предвидува изградба на вкупно12,5 километри и ќе чини околу 110 милиони евра. Ќе се реализира во две фази. Изградбата на прва фаза, од граничниот премин „Блаце“ до клучката кај селото Блаце во должина од два километри ќе чини 12,2 милиони евра, средства на Јавното претпријатие, додека останатите 10,5 километри од клучката кај Блаце до клучката кај Стенковец, кои се исклучително тешка траса на која ќе има четири тунели и девет вијадукти, се уште се во фаза на проектирање коешто треба да заврши за 12 месеци. Тогаш ќе биде распишан и тендерот за изведувач на оваа фаза за која засега нема рок за изградба, но веќе се обезбедени средства и тоа грант во висина од 27 милиони евра од фондот за Западен Балкан и заем од 70 милиони евра од ЕБОР.

Изградбата на првата фаза ќе започне на пролет, а до тогаш треба да бидат извршени 68 експропријации на парцели во сопственост на жителите на Блаце. Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи истакна дека
нема да има проблеми со експропријацијата и оти државата го откупува приватното земјиште на трасата по цена која достигнува до 50 евра за квадрат.

Предвиденото автопатско решение ќе има по две коловозни ленти во секој правец со ширина од по 3,5 метри и по една лента за застанување од 2,5 метри. Автопатот ќе биде широк вкупно околу 27 метри. Предвидени се две клучки, кај Блаце и кај Стенковец. Директорот на Јавното претпријатие, Зоран Китанов информираше дека постојниот пат ќе се рехабилитира уште оваа пролет и ќе служи како алтернативен.

Целиот автопат со кој ќе биде комплетиран Коридорот 10 треба да биде завршен кон средината на 2021.

 

Содржината е прочитана 234 пати.