Инфо

„Дрисла“ повторно е во владение на Град Скопје

Денеска Централниот регистар објави дека Град Скопје влегува со влог од 2.500 евра со што депонијата од приватна сопственост станува повторно јавно претпријатие

понеделник, 20 јануари 2020

Град Скопје ја превзеде во владение депонијата „Дрисла“ од италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“. Денеска Централниот регистар објави дека Град Скопје влегува со влог од 2.500 евра со што депонијата од приватна сопственост станува повторно јавно претпријатие.

Доменико Ферацоли повеќе не е управител на „Дрисла“, а исто така ниту Горан Ангелов, кој ќе биде сменет утре

Со ова после 9 години депонијата повторно е во сопственост на Град Скопје, откако во времето кога градоначалник беше Коце Трајановски беше дадена под концесија на италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“.

„После две години активна борба успеавме да ја вратиме депонијата во сопственост на Град Скопје. Уште утре директорот Горан Ангелов ќе биде сменет и назначен в. д. директор. Ги повикувам сите надлежни институции да влезат во ’Дрисла’ и да го испитаат досегашното работење на концесионерот. Жал ми е што изгубивме 9 години, но јас сум гарант дека во ’Дрисла’ ќе бидат воведени најсовремени технологии. Прва грижа ќе биде да стане прва вистинска санитарна депонија и нејзиниот економски потенцијал да биде во служба на граѓаните“, рече градоначалникот Петре Шилегов.

Град Скопје предводен од Коце Трајановски во 2011 година ја избра италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“ за концесионер на „Дрисла“ во наредните 35 години. Но веднаш по изборот на концесионерот следеа бројни шпекулации, обвинувања за сомнителни бизниси и судски постапки. Второпласираната фирма на тендерот, германски „Шолц“ двапати го обжалуваше договорот со италијанскиот конзорциум, по што Управниот суд пресуди дека поради неправилности во тендерската постапка треба да се склучи нов договор, но Градот Скопје повторно на двапати склучуваше договор со Италијанците. По повторната тужба „Шолц“ во октомври 2017 година Управниот суд донесе одлука Град Скопје да го раскине договорот со „ФЦЛ Амбиенте“ и да склучи нов со Германците. По оваа одлука, на крајот на 2017 градоначалникот Шилегов поднесе жалба до Вишиот Управен суд, во која бараше „Дрисла“ да се враи на Градот. Одлуката „Дрисла“ да стане повторно јавно претпријатие Советот на Скопје ја донесе на 17 јули 2019 година, но потоа мораше да се донесат измени на Законот за јавни претпријатија со кои се овозможува приватно друштво да се преобрази во јавно претпријатие. Измените беа усвоени на 28 декември 2019 година, а денеска одлуката беше впишана во Централен регистар и депонијата и официјално целосно е во сопственост на Градот Скопје.

Инаку, вчера бугарското Обвинителство поведе истрага против директорот на „Дрисла“, Горан Ангелов и содружникот Блаже Игњатовски за увоз на опасен отпад од Италија преку нивната бугарска фирма „Блацион“ ДOO.

 

Содржината е прочитана 205 пати.