Инфо

Корупција во светот: Македонија и Албанија рангирани најлошо во регионот

Со 35 од вкупно 100 поени Македонија се најде на 106 место од 180 држави во светот на ранг листата за корупција што ја изготвува Транспаренси Интернешнал секоја година

четврток, 23 јануари 2020

Македонија се најде на 106.место на ранг листата за корупција што ја изготвува Транспаренси Интернешнал секоја година, а на која има 180 држави. Со 35 од вкупно 100 поени Македонија и Албанија се најлошо рангирани од земјите од регионот, додека сите останати се подобри.

На скалата има од 0 до 100 поени, при што 0 значи најголем степен на корупција, а 100 - најмалку корупција. Овој пат нашата држава има за два поена помалку во споредба со претходната година (во 2018 година имаше 37 поени, во 2017 година – 35, а во 2016 година- 37 поени).

Од земјите во регионот годинава подобри од Македонија се Босна и Херцеговина и Косово со 36 поени, Србија со 39 и Црна Гора со 45 поени.

На ранг-листата што на Транспаренси Интернешнал во 2019 година најдобри биле Данска и Нов Зеланд со по 87 поени, а потоа следува Финска со 86 и Сингапур, Шведска и Швајцарија со 85. Германија е на деветтото место и има 80 поени. На дното на листата со најслаби резултати се Венецуела, Јемен, Сирија, Јужен Судан и на крајот е Сомалија со само 9 поени.

Транспаренси Интернешнал ја мери перцепцијата на корупцијата во економијата, политиката и администрацијата, а бодовите за одделни земји се даваат врз основа на она што во испитувањата го кажуваат експерти и лица на раководни позиции.

Извештајот покажува дека во голем дел од земјите каде се правени истражувања речиси да нема напредок во борбата против корупцијата. Јасни подобрувања нема дури ни во големите индустриски нации. Напротив, во четири од седумте држави на Г7 - Канада, Франција, Велика Британија и САД, ситуацијата е влошена, Германија и Јапонија се останати на исто ниво во споредба со 2018 година, додека мало подбрувње има во Италија.

 

Содржината е прочитана 198 пати.