Инфо

Ѓорѓи Начевски и Славе Николов ќе го судат финалето на Европското првенство во ракомет

петок, 24 јануари 2020

Македонските судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов ќе ја делат правдата на финалниот натпревар на Европското првенство во ракомет во Стокхолм. Европската ракометна федерација ја делегираше судиската двојка од Македонија да го суди финалето со што потврди дека тие се меѓу најдобрите арбитри во Европа.

Начевски и Николов беа во елитната група судии на овој шампионат и судеа во вториот круг од натпреварувањето, а по одличните оценки за нивниот ангажман, ЕХФ одлучи тие да бидат дел од големото финале в недела.

Инаку, Ѓорѓи потекнува од познатото ракометно-судиско семејство Начевски, тој е син на Драган, а внук на Марјан Начевски. Браќата Марјан и Драган Начевски пред 18 години првпат ја делеа правдата во финале, кога за злато се бореа репрезентациите на Шведска и на Германија.

Натпреварот за бронзениот медал на ЕП 2020 ќе го судат Германците Ларс Гајпел и Маркус Хелбиг.

Денеска се играат двата полуфинални меча. Полуфиналето меѓу Норвешка и Хрватска ќе го судат Оскар Лопез и Анхел Рамирез од Шпанија, додека Чесите Вацлав Хорачек и Јиржи Новотни ќе ја делат правдата меѓу Шпанија и Словенија.

Големото финале е во недела, со почеток од 16:30 часот.
 

Содржината е прочитана 214 пати.