Инфо

Филипче: „Состојбата е под контрола, нема причина за паника за коронавирус во нашата држава“

На скопскиот аеродром од вчера е поставена термална камера со која се скенираат патниците од летовите од Истанбул и од Дубаи кои имаат конекција со регионот Вухан во Кина

вторник, 28 јануари 2020

Состојбата е целосно под контрола, во овој момент нема ниту една причина за некаков ризик или паника за коронавирус во нашата држава, изјави министерот за здравство, Венко Филипче. На скопскиот аеродром од вчера е поставена термална камера со која се скенираат патниците од летовите од Истанбул и од Дубаи кои имаат конекција со регионот Вухан во Кина, од каде што почна да се шири коронавирусот.

„Кај нас стигнуваат авиони од Истанбул и Дубаи, за утрово имаме информација дека авионот од Истанбул бил откажан, односно пролонгиран за неколку часа. Системот со термокамери на скопскиот аеродром е веќе воспоставен. Во текот на вчерашниот ден направен е распоред на епидемиолози од Центарот за јавно здравје и тие ќе бидат присутни за време на скенирањето. Вчера имавме работен состанок со директорот на ТАВ, од каде излегоа во пресрет тие авиони секогаш да бидат насочени на еден или два излези кои се многу блиску, од практичен аспект камерата да биде поставена на едно место, доколку треба да се користи собата за изолација“, рече Филипче.

Тој појасни дека доколку се констатира дека некој од патниците има покачена телесна температура, тогаш првиот чекор е интервју со епидемиолозите дали доаѓа од Кина и дали имал контакт со некои заразени.

„Доколку има таков случај, има алгоритам како се постапува и има протокол за изолација, дезинфекција и на авионот и на просториите и соодветен пат којшто е веќе предвиден со тој алгоритам, со посебно возило на брза помош само за таа цел на Инфективната клиника во Скопје“, рече министерот.

Филипче потенцираше дека однапред и пред скенирањето се знае колку пациенти, потенцијални заразени може да се очекуваат. Ова, како што рече, значи дека има двојна сигурност и тие ќе бидат интервјуирани и ќе се знае како ќе се постапува.

„Секој кој нема директен контакт и не доаѓа од Кина ќе си оди преку преку матичниот лекар, а секој кој доаѓа од Кина и има симптоми, ќе се обрати на посебниот телефонски број, што го има на дистрибуираните флаери од Институтот за јавно здравје. Работата е целосно под контрола и во овој момент не гледам ниту една причина за некаков ризик или паника“, потенцираше министерот Филипче.

Тој рече дека единствена група македонски граѓани кои биле во Кина е актерската екипа на МНТ, кои биле на 2.000 километри оддалеченост од Вухан. Со нив е комуницирано и како што појасни Филипче, тие биле скенирани во Пекинг и во Истанбул и немаат никакви симптоми.
 

Содржината е прочитана 190 пати.