Инфо

СЗО го прогласи коронавирусот за светска здравствена закана

Организацијата прогласи светска вонредна состојба поради тоа што епидемијата продолжува да се шири надвор од Кина

петок, 31 јануари 2020

Новиот коронавирус е прогласен за светска здравствена закана и Светската здравствена организација (СЗО) прогласи светска вонредна состојба, бидејќи епидемијата продолжува да се шири надвор од Кина.

„Главната причина за ова прогласување не е она што се случува во Кина, туку она што се случува во другите земји“, рече генералниот директор на СЗО, д-р Тедрос Аданом Гебрејезус.

СЗО ги повика сите земји да ги спроведат одлуките засновани врз докази и да ги применуваат препорачаните мерки.

Во исто време изрази загриженост за земјите со послаби здравствени системи и најави дека ќе даде поддршка за овие земји да се подготват за да се справат со вирусот. На прес конференцијатабеше речено дека СЗО е подготвена да даде совети за секоја земја која размислува кои мерки да ги преземе.

Опасноста од коронавирусот, всушност е потенцијалното ширење на бројот на инфицирани луѓе во државите со послаби здравствени системи. Речиси 200 луѓе починаа во Кина, претежно во провинцијата Хубеи каде што се појави вирусот. Досега има 7.834 потврдени случаи, од кои 7.736 во Кина, што претставува 99 отсто од сите пријавени случаи низ целиот свет.

СЗО соопшти дека има 98 заразени во 18 други земји, но нема смртни случаи. Повеќето меѓународни случаи се луѓе што биле во кинескиот град Вухан во Хубеи. Сепак, има потврдени и осум случаи на пренесување на вирусот од човек на човек и тоа во Германија, Јапонија, Виетнам и САД.

Говорејќи на прес-конференција во Женева, д-р Тедрос го опиша вирусот како досега „невидена епидемија“, која предизвикала досега „невидена реакција“. Тој ги пофали вонредните мерки што ги презедоа кинеските власти и рече дека нема причина да се ограничат трговијата или патувањето во Кина.

„Да се разбереме, ова прогласување не е знак на недоверба во Кина“, рече д-р Тедрос истакнувајќи дека Кина поставува нов стандард за брза реакција во време на епидемија.

Тој изрази благодарност до илјадници храбри здравствени работници и до сите одговорни кои се на првата линија на фронтот, работат 24/7 на лекување на болните, спасуваат животи и ја ставаат ситуацијата под контрола.

„Благодарение на нивните напори, досега бројот на заразени случаи во остатокот од светот е релативно мал. Досега не сме виделе смртни случаи надвор од Кина, за што сите мора да бидеме благодарни. Иако овие бројки се сè уште релативно мали во споредба со бројот на случаи во Кина, сите ние сега мора да дејствуваме заедно за да го ограничиме понатамошното ширење“, рече шефот на СЗО, Тедрос Адханом.

Сепак, повеќе земји ги затворија границите или ги откажаа летовите со Кина, а компаниите како „Гугл“, „Икеа“, „Старбакс“ и „Тесла“ ги затворија своите продавници или престанаа со работа. Стејт департментот на САД, пак, издаде предупредување од четврто ниво откако ги повика Американците да го преиспитаат патувањето во Кина ги повика сите граѓани во Кина „да размислат за заминување со користење патнички средства“.

 

Содржината е прочитана 185 пати.