Инфо

Работниците од „Синохидро“ пред да се вратат во земјава ќе поминат 14 дена во карантин во Кина

Кинескиот амбасадор Ѕуо го информираше министерот Филипче дека работниците кои работат во кинеската компанија „Синохидро“, а се вработени од Република Кина и кои редовно транзитираат на релација Кина-Северна Македонија имаат препорака да се вратат покасно

четврток, 06 февруари 2020

Амбасадорот на Народна Република Кина во Македонија, Џанг Ѕуо го информираше македонскиот министер за здравство, Венко Филипче дека работниците од „Синохидро“ кои се вработени од Република Кина, а редовно транзитираат на релација Кина-Северна Македонија имаат препорака да се вратат покасно, а непосредно пред враќањето 14 дена ќе бидат во карантин, по што со најава ќе бидат вратени назад.

Кинескиот амбасадор денеска оставри среба со Филипче на која разговараа за состојбата со коронавирусот во Кина и мерките за претпазливост кои се преземаат.

Со ова, дополнително се активираат мерките на претпазливост од можност за коронавирус во нашата држава, информираа од Министерството за здравство.

Вчера Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање апелираше да се преземат соодветни превентивни мерки за да се спречи евентуална појава на коронавирусот, укажувајќи дека кинеските работници од „Синохидро“ кои се ангажирани на изградба на патот Кичево-Охрид постојано се на релазија Кина-Македонија.

Од Министерството за задравство нагласуваат дека нашата држава постапува согласно насоките од Светската здравствена организација и дека сме целосно подготвени да се справиме со вирусот. Потенцираат дека со користењето на термалната камера успешно се спроведува постапката за идентификација на евентуални заболени од коронавирусот. Велат дека работата е целосно под контрола и оти во овој момент нема ниту една причина за некаков ризик или паника.

Министерството за здравство апелира до граѓаните во целост да ги следат и почитуваат мерките за превенција како што се дополнителна заштита на храната, дополнителна заштита при подготовка на храната, да се воведе посебна заштита при работа на отворени пазари, граѓаните да се штитат од настинки и задолжително и често миење на рацете.

 

Содржината е прочитана 270 пати.