МАКЕДОНИЈА

Олеснување на кредитните услови во последниот квартал од 2019 година

Една четвртина од банките укажуваат на олеснети кредитни услови, додека поголем делод банките (70 отсто) укажуваат на непроменети услови при одобрувањето кредити на претпријатијата. Нето-олеснувањето на условите за кредитирање на претпријатијата во четвртото тримесечје од годината е посилно во споредба со очекувањата на банките дадени во претходната анкета

петок, 07 февруари 2020

Олеснување на кредитните услови во последниот квартал од 2019 година покажуваат објавените податоци од Анкетата за кредитната активност. Олеснување на условите има и кај домаќинствата и кај корпоративниот сектор. Очекувањата се дека и во првиот квартал од оваа година ќе има натамошно олеснување на кредитните услови.

Олеснувањето, според објавените податоци, е поизразено за кредитите на големите претпријатија и за долгорочните кредити. Една четвртина од банките укажуваат на олеснети кредитни услови, додека поголем дел од банките (70 отсто) укажуваат на непроменети услови при одобрувањето кредити на претпријатијата. Нето-олеснувањето на условите за кредитирање на претпријатијата во четвртото тримесечје од минатата година е посилно во споредба со очекувањата на банките дадени во претходната анкета.

Според согледувањата на банките за поединечните услови за кредитирање на корпоративниот сектор, најголемо олеснување во четвртиот квартал се забележува кај каматната стапка, слично како во претходната анкета. Мало заострување се забележува кај барањата за обезбедување, за разлика од претходната анкета кога овој фактор придонесува за олеснување на кредитните услови.

Кај кредитите за домаќинствата олеснување на условите е забележано кај станбените и кај потрошувачките кредити.
Кај станбените кредити, околу осум отсто од банките (наспроти околу 59 отсто во претходната анкета) укажуваат на олеснување на кредитните услови, додека останатите банки укажуваат на непроменети кредитни услови. Кај потрошувачките кредити, околу 10 отсто од банките укажуваат на олеснување на кредитните услови, при што и понатаму најголем процент од банките укажуваат на непроменети кредитни услови. Притоа, околу 10 отсто од банките укажуваат на заострување на условите за одобрување потрошувачки кредити, што не е случај во претходната анкета.

За првиот квартал од 2020 година банките и натаму очекуваат нето-олеснување на кредитните услови, кое е послабо во однос на очекувањата од претходната анкета.

Според согледувањата на банките, олеснувањето во поголем дел произлегува од каматната стапка кај двата типа кредити на домаќинствата, при што значително е поизразено кај станбените кредити.

Банките укажуваат на изразено нето-зголемување на вкупната побарувачка на корпоративни кредити во четвртиот квартал од 2019 година, наспроти малото нето-намалување во претходната анкета.За наредното тримесечје банките укажуваат на раст на вкупната побарувачка, но поумерено во споредба со очекувањата од претходната анкета.
Потребата од инвестиции во основни средства и од инвестиции во залихи и обртен капитал придонеле за зголемување на побарувачката. Во последниот квартал од 2019 година банките укажале на зголемување на побарувачката на кредитите во секторот домаќинства. Околу една третина од банките укажуваат на зголемување на побарувачката за станбени кредити, за разлика од претходната анкета кога согледувањата на банките укажуваа на намалување на побарувачката. Кај потрошувачките кредити и понатаму се забележува намалување на нето-побарувачката, но значително послабо во однос на претходната анкета. Сепак, најголемиот процент од банките укажуваат на непроменета побарувачка на кредити од страна на домаќинствата.

Пренесено од МИА
 

Содржината е прочитана 254 пати.