Инфо

СЗО прогласи пандемија на корона вирусот

Во последните две недели, бројот на заразени надвор од Кина се зголеми за 13 пати и бројот на заразени земји е тројно зголемен, па сега има над 118.000 случаи во 114 држави и 4.291 починати

четврток, 12 март 2020

Светската здраствена организација (СЗО) прогласи пандемија на светско ниво на корона вирусот. Директорот на СЗО, Тедрос Аданон Гебрејес рече дека со објавувањето на пандемијата земјите биле повикани да ги развијат своите механизми за одговор при итни случаи и им порача на националните влади дека е време за поагресивна акција сега кога коронавирусот достигна ниво на пандемија.

„Подгответе ги вашите болници, заштитувајте ги и обучете ги здравствените работници за да внимаваме едни на други, затоа што сме потребни едни со други“, советува Гебрејес.

Д-р Мајк Рајан, шеф на Програмата за управување со итни случаи на СЗО, издаде отворено предупредување за здравствената вонредна состојба. Рајан рекол дека Иран и Италија сега се во првите редови и страдаат, но оти може да гарантира дека другите земји наскоро ќе се најдат во таа ситуација.

„СЗО ја разгледуваше оваа епидемија од минута во минута и ние сме длабоко загрижени за алармантната стапка на која се шири вирусот и сериозната состојба на заразените. Сите земји сè уште можат да го променат текот на оваа пандемија. Доколку земјите откриваат, тестираат, лекуваат, изолираат и ги следат препораките и го и мобилизираат својот народ како одговор. Затоа, решивме да објавиме дека ширењето на Ковид 19 може да се карактеризира како пандемија“, рече првиот човек на СЗО, Тедрос Аданон Гебрејес.

Тој додаде дека илјадници луѓе се борат за својот живот во болниците ширум светот и дека бројот на заразени и мртви во наредните денови и седмици ќе се зголемува.

„Во последните две недели, бројот на заразени надвор од Кина се зголеми за 13 пати и бројот на заразени земји е тројно зголемен. Сега имаме над 118.000 случаи во 114 држави и 4.291 луѓе го загубија животот“, рече Гебрејес.

 

Содржината е прочитана 152 пати.