Инфо

Меѓународниот Аеродром Скопје ќе биде затворен од денеска на полноќ

Во престојниот период на скопскиот аеродром нема да има патнички летови, освен државни, воени, хуманитарни, медицински, санитарни и карго летови

среда, 18 март 2020

Согласно Одлуката на Владата на Република Северна Македонија донесена на 16-ти март 2020 година за спречување внесување и ширење на коронавирусот, ТАВ Македонија ги информира сите патници и јавноста дека Меѓународниот Аеродром Скопје ќе биде затворен од денеска 18 март, од полноќ, за патнички летови. Во престојниот период на Меѓународниот Аеродром Скопје нема да има патнички летови, освен државни, воени, хуманитарни, медицински, санитарни и карго летови.

„Како аеродромски оператор ги информиравме сите авиокомпании и засегнати страни за оваа одлука, додека М-НАВ ја објави истата во НОТАМ - авијациски документ кој ги информира сите авиопревозници за важни и итни пораки. До затворањето, авиосообраќајот ќе се одвива според распоредот на летови кој патниците можат да го проверат на нашата веб-страница http://skp.airports.com.mk/ , но со оглед на тоа што ситуацијата со коронавирусот се менува многу брзо, Ве замолуваме да ги следите последните објави за вашите летови на веб-страниците на авиокомпаниите и да ги контактирате нивните оддели за клиенти“, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.

За сите евентуални натамошни промени во работењето на Меѓународниот Аеродром Скопје и на аеродромот „Свети Апостол Павле Охрид“, кој беше затворен во неделата, ТАВ ќе ги информира патниците и јавноста согласно информациите и одлуките на Владата и тоа преку медиумите, веб-страниците http://skp.airports.com.mk/ и http://ohd.airports.com.mk/, како и страниците на компанијата на социјалните мрежи Фејсбук, Твитер и Инстаграм.

 

Содржината е прочитана 134 пати.