Инфо

Македонија побара од ЕУ пристап до Европскиот солидарен фонд за справување со коронавирусот

Вицепремиерот за европски прашања, Буар Османи информираше и за одлука на норвешката влада да додели 3,2 милиони евра помош за Македонија, Црна Гора и Србија за медицински апарати и материјали

четврток, 19 март 2020

Македонија побара од ЕУпристап до Европскиот солидарен фонд како дел од координацијата за справување со состојбата со коронавирусот. Секретаријатот за европски прашања, во име на Владата испратил писмо до комесарот за проширување Оливер Вархеји со неколку барања за пристап до средства или нивна пренамена:

- таканаречена награда за успешност од 50 милиони евра за државата за успешно спроведување на реформите и менаџирање со ИПА-фондовите, а кои беа наменети за Преспанскиот регион, инфраструктура и животната средина, дел или целосно да се пренамени во средства за менаџирање на пандемијата од ковид-19

- согласно иницијативата на ЕК за финансиска поддршка на ликвидност на претпријатија, побаран е пристап до средствата за Банката за поддршка на развојот за брзи и краткорочни заеми кои брзо се одобруваат чие доспевање е до 1 година, кои ќе помогнат во ликвидноста на нашите мали и средни претпријатија

- побарана е измена на минималните критериуми за искористување на фондовите од ИПАРД 2 програмата во кои сметаме на зголемување на делот што значи учество на ИПА-фондотви за сметка на сопствениот капитал за производителите на храна и земјоделски производи, мерка што веќе била применета за кризата со поплавите во земјава, кога учеството на ИПА-фондовите во проекти било и до 75 отсто

- побарано е земјава да биде исклучена од рестрикциите на ЕК за заштита на стабилноста на единствениот европски пазар кои се однесуваат на медицинска опрема и средства за работа

Како што соопшти денеска на прес конференција вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи Европскиот солдарен фонд е формиран во 2012 година по поплавите во Централна Европа и досега се искористени 5 милијарди евра за несреќи, природни катастрофи и епидемии во ЕУ, а Македонија има право на тоа како земја преговарач.

Османи не можеше да каже кога може да се очекува одговор на овие барања, но истакна дека дека по првичниот шок кога земјите членки на ЕУ презеле поединечни мерки за заштита од ширењето на епидемијата од коронавирусот, ЕК, директоратите и раководствата на земјите членки ги активираат сите мерки, протоколи и програми за заедничко справување со оваа закана.

Вицепремиерот Османи информираше и за одлука на норвешката влада да додели 3,2 милиони евра помош за Македонија, Црна Гора и Србија за медицински апарати и материјали. Оваа одлука денеска ќе биде презентирана на Кризниот штаб кој ќе одлучи за каква набавка ќе се користат. Помошта треба да биде реализирана во следните 5 до 7 дена.
 

Содржината е прочитана 148 пати.