Инфо

„Веро“ со ново работно време од 8 до 19 часот и со повластен термин за пазарување за ранливите категории од 8 до 9 часот

Во повластениот термин во денот приоритет за влегување во маркетот и на каса ќе имаат пензионери, бремени жени и инвалидизирани лица, со цел да им овозможи поголема заштита на оваа категорија граѓани и да се избегне нивното изложување на поголем ризик

понеделник, 23 март 2020

Согласно најновата мерка за ограничување на движењето на граѓаните што ја донесе Владата, „Веро“ воведува ново работно време од 8 до 19 часот секој ден. Дополнително, „Веро“ воведува и повластен термин во денот за пазарување во кој приоритет за влегување во маркетот и на каса ќе имаат пензионери, бремени жени, инвалидизирани лица, со цел да им овозможи поголема заштита на најранливите категории граѓани и да се избегне нивното изложување на поголем ризик.

„Безбедноста на потрошувачите и на нашите вработени е наш највисок приоритет. Вложуваме максимални напори сите потрошувачи да се чувствуваат добредојдени и безбедни во нашите маркети и сакаме да им овозможиме во секое време да се снабдат со сите неопходни производи за нивните потреби. Воедно апелирам на совесност и разбирање од страна на помладите потрошувачи во наведениот термин да им дадат предност на ранливите категории потрошувачи на кои помошта и поддршката во овие моменти им е најпотребна“, вели Петар Денковски, генерален директор на „Веро“.

Од менаџментот на компанијата потенцираат дека и покрај скратеното работно време „Веро“ маркетите продолжуваат нормално да функционираат. Во маркетите има доволно залихи од основните производи, а редовното снабдување се одвива без никаков застој во соработка со добавувачите. Хигиенската превенција се одржува на највисоко ниво така што маркетите комплетно се чистат секојдневно, а во текот на денот постојано се дезинфицираат количките и корпите за пазарување, просторот кај касите, полиците и останатите најизложени делови од маркетите. „Веро“ обезбеди гелови за дезинфекција и заштитни ракавици за сите потрошувачи кои се поставени на влезовите, низ маркетите се поставени известувања за потрошувачите за поголема безбедност, а означени се и места за стоење на препорачаното безбедно растојание од 2 метра.

 

Содржината е прочитана 161 пати.