Инфо

Владата објави тендер за пренесување македонски граѓани со чартер летови од Малта и Загреб

Од Малта ќе бидат превезени 148 патници, а од Загреб 226. Сите патници сами ќе си го платат билетот, а ќе треба да потпишат и изјава дека веднаш по слетувањето во Скопје ќе бидат во 14-дневен државен карантин

среда, 25 март 2020

Владата објави тендер за организирање авионски превоз за пренесување на македонските граѓани од странство. Чартер летови ќе бидат организирани од Малта до Скопје, со кој ќе бидат превезени 148 патници и од Загреб до Скопје со кој ќе бидат превезени 226 патници.

Крајниот рок за организарање на летовите треба е петок, 27 март до 12 часот.

Јавниот повик ќе трае 12 часа од моментот на неговото објавување на веб-страницата на Владата, што значи дека понудите треба да се достават најдоцна до 22 часот вечерва.

Патниците сами ќе си го платат авиобилетот, а кога ќе се вратат во Македонија ќе мора веднаш по пристигнувањето да бидат сместени во државен карантин. За таа цел при влез во авионот ќе треба да потпишат договор помеѓу нив и Владата со кој гарантираат дека ќе ја исплатат сумата определена за авионскиот билет на сметка на Владата и да пополнат изјава дека се согласни по пристигнување на територијата на Република Северна Македонија да бидат сместени во објектите за државен карантин во траење од 14 дена.

Лицата ќе бидат преземени од Меѓународниот аеродром Скопје, со организиран превоз до местата определени за државен карантин.

Сите кои ќе патуваат имаат рок од 15 дена од денот на пристигнувањето да извршат уплата на сумата за авиобилетите согласно склучениот договор.

„Договорот помеѓу патниците и Владата во кој гарантираат дека ќе ја исплатат сумата определена за авионскиот билет на сметка на Владата на Република Северна Македонија има својство на извршна исправа и може да биде предмет на извршување во случај на неисполнување на обврската од договорната страна“, соопштија од Владата.

За дополнителни информации понудувачите може да се обратат до Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат, на телефон 02/3118-022.
 

Содржината е прочитана 132 пати.