Бизнис вести

Стопанска банка АД Скопје нуди одложување на отплатите на кредитите до шест месеци

Клиентите кои ја прифаќаат понудата не треба се обратат до Банката, а оние кои не сакаат да ја прифатат понудата, треба да се обратат до Банката најдоцна до 10 април до 23:59 часот преку covid19@stb.com.mk

среда, 01 април 2020

Стопанска банка АД Скопје им овозможува на граѓаните да го одложат плаќањето на кредитите за шест месеци, за корпоративните клиенти погодени од кризата воведува олеснувања во сервисирањето на обврските кои во зависност од природата на потребата ќе бидат усогласени со секое правно лице поединечно.

Одложеното плаќање за физичките лица се однесува на сите обврски доспеани од 29 февруари годинава по основ на кредити, кредитни картички и дозволено пречекорување заклучно со 30 септември годинава.

Можностите за правните лица вклучуваат соодветно прилагодување или одложување на отплатата на кредитите, можности за рефинансирање, како и понуда на кредитна поддршка за ликвидносни потреби.

Банката ги повикува сите клиенти детално да ја проучат понудата објавена на нејзината веб страница и да постапат согласно дадените насоки. Оние кои ја прифаќаат понудата не треба се обратат до Банката, а ние кои не сакаат да ја прифатат понудата потребно е да се обратат до Банката најдоцна до 10 април годиава до 23:59 часот преку covid19@stb.com.mk.

„Во услови на пандемија од невидени размери, како системска банка Стопанска банка АД – Скопје им пристапува на своите клиенти правни и физички лица, а со тоа и на севкупната економија со понуда која помага да се надминат финансиските ефекти од корона-кризата. Понудата е валидна за физички лица кои одржуваат постојани деловни односи со Банката“, се вели во сопштението на Стопанска банка АД Скопје.

Банката апелира клиентите кои се во можност да ги отплаќаат своите месечни обврски, да продолжат со отплатата. Со тоа, како што потенцираат, помагаат економските мерки да имаат ефект за погодените субјекти.

 

Содржината е прочитана 108 пати.