Бизнис вести

Државата ги ослободи компаниите од плаќање аконтации на данок на доход и на данок на добивка

Ослободувањето за месеците март, април и мај се однесува на фирмите кои вршат угостителска дејност, туризам или транспорт, како и на други обврзници кои имаат претрпено штети поради спроведувањето на мерките за заштита од коронавирусот

среда, 15 април 2020

Државата ги ослободува компаниите од плаќање на аконтациите на данокот на личен доход и на данокот на добивка за март, април и мај оваа година, информираше денеска директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска.

За двете ослободувања Владата донесе уредба со законска сила во време на вонредна состојба поради корона кризата.

Ослободувањето се однесува на фирмите кои вршат угостителска дејност, туризам или транспорт, како и на други обврзници кои имаат претрпено штети поради спроведувањето на мерките за заштита од коронавирусот.

„За да го одстварат ова право обврзниците за плаќање данок на добивка треба да ги исполнат условите кои се однсуваат на тоа да не исплатуваат дивиденда на сопствениците, награда за деловна успешност или друг вид годишна награда на вработените или на органите на управување или надзор од денот на стапување на сила на уредбата до денот на траење на ослободувањето, односно 15 јуни 2020 година. Исто така, да не го намалат бројот на вработени сметано до 26 март до три месеци по престанувањето на нејзината важност, освен во случаите на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените“, појасн Лукаревска

За другите компании кои се погодени од кризата дополнително треба да исполнуваат еден од трите дополнителни услови: да имаат намалени приходи за најмалку 40 отсто во однос на февруари 2020 година, бројот на вработени кои не работат заради мерките да е најмалку 25 отсто во однос на вкупниот од февруари 2020, или да имаат затворено најмалку 50 отсто од објектите во кои ја вршат дејноста.

Даночните обврзници за да го искористат ова право треба електронски да поднесат барање преку системот е-даноци на УЈП. Барањата автоматски се обработуваат, а обврзникот добива повратна порака како одговор на барањето.
 

Содржината е прочитана 214 пати.