Инфо

„Wizz Air“ со ново одлагање на летовите

Авиокомпанијата која планираше да ги обнови услугите во регионот на 1 мај, сега ги одложи повеќето летови до средината на мај или до почетокот на јуни

вторник, 21 април 2020

Авиокомпанијата „Wizz Air“ повторно ги одложи своите летови на повеќето пазари во балканските земји поради пандемијата со коронавирусот. Нискобуџетниот авиопревозник, кој требаше да ги обнови услугите на 1 мај, одлучи да ја продолжи суспензијата за своите летови до средината на мај или до почетокот на јуни.

„’Wizz Air’ искрено се извинува поради нарушувањата кои забраната за патувања би можела да им ги донесе на клиентите и уверува дека безбедноста и благосостојбата на патниците и екипажот се главен приоритет на авиокомпанијата“, се вели во соопштението и се додава дека компанијата целосно очекува да ги одржи своите планови за раст на капацитетот во просек од 15 проценти годишно.

Претходно компанијата соопшти дека патниците кои имаат резервирани билети, а се погодени од овие суспендирани летови за кои ги направиле резервациите директно на „wizzair.com“ или на мобилната апликација на авиокомпанијата, ќе бидат автоматски известени преку електронска порака. Притоа 120 проценти од целата сума ќе бидe автоматски префрлена на „Wizz“ сметката на корисникот и истите ќе можат да ги искористат во текот на наредните 24 месеци за купување на сите производи и услуги на „Wizz Air“.

Патниците исто така можат да одберат опција за враќање на парите во износ од 100 проценти, за чија реализација е потребно подолго време. Тие ќе бидат информирани за сите потребни чекори за трансфер на парите преку банка или преку картичка во посебна електронска порака.
 

Содржината е прочитана 196 пати.