Инфо

Горивата поевтинуваат од два до четири денари за литар

понеделник, 27 април 2020

Од два до четири денари по литар поевтинуваат горивата, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) со што се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 7,76 отсто.

Тоа значи дека од ноќеска на полноќ малопродажната цена на бензинот Еуросупер БС-95 ќе се намали за 2,5 денари по литар и ќе изнесува 49,5 денари. Бензинот Еуросупер БС-98 ќе поевтини за 2,0 денари и ќе чини 52 денари за литар. Еуродизел (Д-Е V), пак, ќе се намали за 4,0 денари и литар ќе чини 42,5 денари, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) ќе се намали за 3,5 денари и ќе изнесува 30,5 денари литар.

Од утре нова пониска цена за 2,178 денари ќе има и мазутот М-1 НС и килограм ќе чини 16,945 денари.

Причина за намалување на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат намалените референтни цени на светскиот пазар на бензините за околу 24,55 отсто и кај дизелот за околу 31,9 отсто.
 

Содржината е прочитана 147 пати.