Инфо

Mинистерство за транспорт: „Граѓаните да се воздржат од резервации на авиобилети“

Со оглед на состојбата со пандемијата од вирусот Ковид-19 во овој момент не може да се предвиди кога повторно ќе се воспостави и нормализира авионскиот сообраќај за превоз на патници

понеделник, 27 април 2020

Министерството за транспорт и врски апелира граѓаните да се воздржат од резервации на авиобилети, бидејќи и двата македонски аеродроми и натаму се затворени за патници и засега нема конкретни датуми за воспоставување на авионските линии преку авиопревозниците што оперираат од и до Македонија.

„Сакаме да потенцирме дека на сила се уште важи Одлуката за затворање на Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромдот ’Св. Апостол Павле’во Охрид. Тоа значи дека се додека не се донесе друга одлука, аеродормите ќе бидат затворени за превоз на патници, а авионскиот сообраќај запрен. Оваа одлука не се однесува за државни, воени, болнички, хуманитани и карго летови без патници“, се вели во соопштението од Министерството.

Со оглед на состојбата со пандемијата од вирусот Ковид-19 во овој момент не може да се предвиди кога повторно ќе се воспостави и нормализира авионскиот сообраќај за превоз на патници.

„Се до донесување на нова Одлука од страна на Владата на Република Северна Македонија апелираме до сите граѓани да се воздржат од резервaции на билети, се со цел дополнително да не се изложуваат на финансиски трошоци. За сите информации поврзани со нормализирање на авионскиот сообраќај, навремено ќе информираме“, се наведува во соопштението.

 

Содржината е прочитана 142 пати.