Бизнис вести

„Кромберг и Шуберт“ повторно почна со производство

Првите околу 1.000 вработени кои денеска се вратија на работа од раните утрински часови беа превезувани со автобуси, согласно сите безбедносни протоколи

понеделник, 27 април 2020

Денеска стартуваше со работа германскиот индустриски гигант „Кромберг и Шуберт“ во индустриската зона „Жабени“ кај Битола. Нарачките од страна на „Мерцедес“ вратија на работа околу 1.000 вработени од близу 6.000 колку што има вработено во фабриката.

По речиси 40 дена пауза по појавата на пандемијата со Ковид 19, денеска продолжи процесот со работа откако стасаа првите нарачки за погоните на „Мерцедес“ во Германија и Шпанија, а како ќе се зголемува обемот на работа, така сукцесивно до крајот на мај ќе бидат бидат ангажирани сите 5.700 работници.

Првите илјада работници кои денеска се вратија на работа од раните утрински часови беа превезувани со автобуси, согласно сите безбедносни протоколи. Пред влегувањето во автобусите на сите им беше мерена температура и им беа давани заштитни маски, а претходно мораа да ги исчистат обувките и да ги измијат рацете со дезинфекциски раствори.

Вработените во „Кромберг и Шуберт“ ја земаа целата плата за март, а сега се прават пресметки колкава ќе биде платата за април и дали ќе се користи некоја од владините мерки за финансиска поддршка. 

Инаку, во погоните на оваа германска компанија се произведуваат кабелски снопови за автомобилската индустрија на „Мерцедес“, „Ауди“, „Шкода“, „БМВ“, „Порше“ и други.
 

Содржината е прочитана 212 пати.