Инфо

Белешки на Светска банка за тоа како Ковид-19 ќе влијае на Западен Балкан

Редовниот економски извештај за земјите од Западен Балкан на СБ предвидува дека, во отсуство на одговор од владите повеќе од 400.000 луѓе може да паднат во сиромаштија и средната класа значително ќе се намали. Регионот е особено ранлив на оваа и на идни здравствени епидемии

петок, 29 мај 2020

Светска банка објави нова серија белешки кои го разгледуваат влијанието од Ковид-19 врз здравствените системи, сиромаштијата и добросостојбата на домаќинствата, образованието, социјалната заштита, пазарите на труд и управувањето со квалитетот на воздухот во земјите од Западен Балкан.

Белешките се дополнение на неодамна објавениот Редовен економски извештај за земјите од Западен Балкан и придружните белешки објавени на 29 април кои ги разгледуваат предвидувањата за макроекономските влијанија од коронавирусот и како тие ќе влијаат врз населението во регионот.

Редовниот економски извештај за земјите од Западен Балкан предвидува дека, во отсуство на одговор од владите повеќе од 400.000 луѓе во регионот може да паднат во сиромаштија и средната класа значително ќе се намали. Многу од оние кои може да осиромашат моментално не се приматели на социјална заштита, а неформалните работници без пристап до осигурување за невработени и останата заштита влегуваат во ризичните групи.

Споредено со просекот од ЕУ, недоволната и неефикасна потрошувачка по лице за здравство пред кризата го прави регионот особено ранлив на оваа и на идни здравствени епидемии. Големата загаденост на воздухот во неколку главни градови, што доведува до високи стапки на респираторни болести, ја влошуваат состојбата, особено ако епидемијата се повтори следната зима. Понатаму, неопходното затворање на училиштата со цел да се намали ширењето на вирусот ќе води до значајни загуби во учењето, за што ќе бидат потребни години за закрепнување, се проценува дека нивото на луѓе без основно познавање на читање-и-разбирање може да се искачи од моменталните 53 на 61 процент, ако училиштата останат затворени до крајот на јуни.
 

Содржината е прочитана 130 пати.